Достапни линкови

Делата на Стриндберг на Охридско лето


Шведската актерка и режисерка Ана Петерсен во изведба на „Госпоѓица Јулија“ на Стриндберг.
Шведската актерка и режисерка Ана Петерсен во изведба на „Госпоѓица Јулија“ на Стриндберг.

Оваа сабота, на 52-то издание на нашата најголема летна културна манифестација „Охридско лето“, ќе помине во знакот на писателот Аугуст Стриндберг. Во Домот на културата „Григор Прличев“ најнапред во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Стриндберг и уметноста на фотографијата“, а потоа шведската актерка и режисерка Ана Петерсен, како проект на „Интима театар“ од Стокхолм, ќе ја претстави својата адаптација на неговото дело „Госпоѓица Јулија“.

Избор од постојните 80 фотографии на Аугуст Стриндберг, од кои повеќето портрети на славниот шведски автор, ќе бидат претставени на изложбата насловена како „Стриндберг и уметноста на фотографијата“, што во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворена в сабота, во 19.30 часот во Центарот за култура „Глигор Прличев“.
Изложбата, како и претставата „Госпоѓица Јулија“ што шведската актерка и режисерка Ана Петерсон, како проект на „Интима театар“ од Стокхолм, ќе ја изведе потоа на сцената на оваа наша културна установа се во рамките на Годината на славење на животот на Аугуст Стриндберг (1849 – 1912) и на неговото уникатно и современо дело.

Постановката е автентично сведоштво дека писателот бил во постојана потрага по нови начини на уметнички израз. Составена од четири дела, „Импресионистички фотографии“, „Соработка со други фотографи“, „Небесни слики“ и „Психолошки портрети“, таа на повидок ги изнесува неговите фотографски дела најнапред инспирирани од францускиот фотограф Надар во Герсау, Швајцарија(зачувани се околу 40 вакви портрети во реалистични и спонтани пози), потем и оние каде Стриндберг остварил несекојдневна творечка комуникација со Џон Лундгрен, Ото Јохансон и Херман Андерсон, периодот на неговата егзистенцијална криза и творбите од јули 1896 кога тој го пишувал романот „Пекол“ и конечно она што уметникот го создал неколку години порано кога престојувал во Берлин и фотографирал екстремно крупни кадри сликани без леќа на својот апарат.

Изложбата, како и претставата „Госпоѓица Јулија“ што шведската актерка и режисерка Ана Петерсон, како проект на „Интима театар“ од Стокхолм, ќе ја изведе потоа на сцената на оваа наша културна установа се во рамките на Годината на славење на животот на Аугуст Стриндберг (1849 – 1912) и на неговото уникатно и современо дело.

Петерсон, вклучувајќи се во плејадата на уметници кои насекаде во светот посегнаа по творештвото на овој класик, се решила својот придонес да го стори со нова адаптација на ова негово дело притоа давајќи си слобода не само да ја потпише режијата, туку и да ги одглуми трите лика во пиесата. На тој начин уметницата, за која е запишано дека е „остра како жилет за бричење“, ќе го помести фокусот од традиционалната природна театарска форма, со цел да ги истражува внатрешните и далекупокомплексни мотивации, нагони, пориви и контрадикции кои се дел од човечката природа. Така таа, со самосвојна специфична естетика, ќе ги жигоса класното општество, моќта и девијациите на социјалната средина.

За сето тоа, пак, да ја добие пожелуваната форма, покрај неа, на сцената ќе биде присутен и камерман кој ќе ја следи играта на актерката, а снимките, заедно со претходно подготвените материјали, ќе бидат проектирани на бело платно кое е единствената сценографија на оваа постановка.

Ана Петерсон во текот на својата плодна кариера има остварено повеќе насловни улоги во Кралскиот драмски театар и во Градскиот театар во Стокхолм. Режирала во Малме, учествувала и во неколку филмски и телевизиски продукции, а добитник е и на повеќе награди и признанија.

Инаку, стриндберговата драма „Госпоѓица Јулија“ е често изведувана во театрите во нашава земја. Летово публиката имаше можност, во рамките на Скопско лето, да ја проследи постановката на режисерот Саулиус Варнас во МНТ во која улогите ги толкуваат Дариа Ризова, Звездана Ангеловска и Ѓорѓи Јолевски, селектор на драмската програма на „Охридско лето“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG