Достапни линкови

Дневен печат - Лустрација, владини вработувања и Евробарометар


Анкетата на Евробарометар за животот во Македонија, лустрацијата на интернет и новите најави на Владата за вработувања - дел од темите за кои пишуваа дневните весници.

Од која тема да го почнеме прегледот на дневниот печат? Дали од „најновата метода“ на лустрацијата со јавно објавување на имиња на интернет, дали од новите вработувања што ги најавува Владата или, пак, од збунувачките резултати на најновата анкета на Евробарометар?

Шеесет и четири отсто од македонските граѓани се изјасниле дека се сосема задоволни од животот. Дали во Македонија навистина се живее толку добро?.
Утрински.
„Шеесет и четири отсто од македонските граѓани се изјасниле дека се сосема задоволни од животот“, објавува Утрински, кој прашува дали во Македонија навистина се живее толку добро и од друга страна го објавува податокот дека 67 проценти од граѓаните немаат доверба во Владата, што е за 7 отсто повеќе од претходната анализа на Евробарометар.

Вечер насловува „Македонија подобра од европскиот просек“, а Дневник оди со прашање „Од каде разлики во испитувањата на јавното мислење?“

Ден ја пренесува изјавата на портпаролот дека Владата „Масовно вработува“, и додава дека тоа се случува пред локалните избори догодина, а Утрински конкретизира дека станува збор за 2 илјади вработувања и плус 400 кај познат работодавач.
Уметници и новинари биле најчести наводни соработници на тајните служби во минатото.
Дневник.

Утрински објавува изводи од пресот на СДСМ дека невработеноста е зголемена и изнесува 31,6 отсто, а стандардот на граѓаните е стрмоглавен, како и од контра-пресот на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија е најнискозадолжена од цела Европа.

„Никој не знае до каде ќе оди објавувањето имиња на интернет“, заклучува Утрински, а Вечер објавува интервју со синот на Ристо Шишков, Васил, со наслов „Македонска крвава свадба“. Дневник сумира дека уметници и новинари биле најчести наводни соработници на тајните служби во минатото, а Нова Македонија дека „Граѓанската десница и албанскиот национализам биле на нишан на службите“. Во врска со „циркусот лустрација“ како што ја нарекоа некои, Утрински во колумна насловува „Не е УВе, туку ДПМНЕ“, овој закон арогантно изгласан само од власта ја дестабилизира земјата бидејќи се бесат луѓе на столбот на срамот без судење и со закон кој не само што има цел куп противуставни одредби, туку се коси со правната наука од римското право до денес“.

Нова Македонија во неколку броја ја форсира темата дека во Грција се' уште била на сила стратегијата од 90-тите на минатиот век за инвазија врз Македонија и дека Атина сакала влада во Скопје по своја мерка, односно „соговорник што ќе се откаже од името Македонија“. Вечер ова го „засилува“ со изјавата на Чашуле дека „Атина ја бира опозицијата за капитулација на македонскиот народ!“,. Ден информира дека на еден месец пред 8 септември, Денот на независноста ќе останел без спектакли - уште не е формиран организационен одбор, ниту се знае кој ќе членува во него, пишува весникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG