Достапни линкови

Тешко се живее кога си дете без родители


Александар Димоски од Прилеп.

Александар Димоски од Прилеп.

Додека другите деца јаделе вкусна храна и спиеле, како што вели Александар, нему му било сервирана иста храна со денови, а од рани утра го носеле на нива.

Триесет и тригодишниот прилепчанец, Александар Димоски се соочува со сериозни животни, здравствени проблеми. Тој е дете без родители. Оставен бил, вели, во домот за деца во Битола, оттука сместен во згрижувачки семејства, каде почувствувал колку на моменти грижа и реална замена за мајчинска љубов, толку бил и жртва на суровоста на луѓето.
јас едноставно ги немам парите за операција, за да еден ден бидам малку подобар со моето движење и да немам проблеми со работата.

Во едно од семејствата кои го згрижеле одамна, бил третиран без љубов. Додека другите деца јаделе вкусна храна и спиеле, како што вели Александар, нему му било сервирана иста храна со денови, а од рани утра го носеле на нива. Во друга институција бил обвинуван, навредуван за дела кои не ги направил. А, најтешко од се вели му било кога наместо неговото име, го нарекувале копиле. Никогаш не ја видел својата мајка, не знае ни како изгледаа, веќе нема ниту желба да ја запознае. Зашто вели единствено во животот ја почувствувал љубовта за Бог којшто се грижи за него, кога е сам, болен и немоќен.
Да бидам образован, да имам интелигенција и култура како секој човек што има желба да дојде до фамилија, значи да се оженам, да даде Господ дете да ми даде, јас она што го изгубив во мојот живот и што не сум го осетил, како мајчинска, родителска љубов, јас да ја истурам љубовта кон моето дете.

Тој од државата добил стан, сега работи во приватна фирма и заработува 8.000 денари месечно. Но, вели станот е на 6 кат и ужасно тешко му е кога треба да се искачи горе, зашто има сериозни проблеми со колковите. Одамна му сугерирале, пари за операција нема и не знае дали воопшто може да одвои 1.000 евра за повторно да биде здрав.

„Значи јас едноставно ги немам парите за операција, за да еден ден бидам малку подобар со моето движење и да немам проблеми со работата.“

Александар е немоќен и да ги плати заостанатите долгови за кирија, данок, струја, вода, комуналии, зашто долги години немал сигурна работа. Се обратил за помош во Здружението за деца без родители. Но, наместо помош и поддршка тој како што вели се разочарал од односот на луѓето.

„Тие не застанаа воопшто да ми помогнат, во еден наврат дојдов до разговор со претседателот на тоа здружение имав неколку прашања, поставив неколку прашања, добив некои негативни одговори што навистина ме разочараа, негативен и невкусен одговор добив „гледај си го својот интерес, не барај за другите“.

Овој млад човек се чувствува осамен и оставен сам на себе, немоќен да си ги реши свои проблемите. Единствена поддршка во животот му се пријателите. Тие досега не го оставиле ниту без храна, ниту без облека. Но, тешко му е во зима, нема пари за греење, ниту, пак, може да ги качува секој ден дрвата на раце минувајќи стотици скали. Но, сепак тој ќе се бори низ животот за да ги оствари своите соништа.

„Да бидам образован, да имам интелигенција и култура како секој човек што има желба да дојде до фамилија, значи да се оженам, да даде Господ дете да ми даде, јас она што го изгубив во мојот живот и што не сум го осетил, како мајчинска, родителска љубов, јас да ја истурам љубовта кон моето дете.“

Александар е разочаран од својот живот, минувајќи низ сите трауми и страдања, тој вели сочувствува со болката и на другите деца кои ја имаат истата судбина. Затоа сака да им испрати порака на сите родители.

„Моја порака кон сите родители, до сите родители е едноставно да ги сакаат децата, да го ценат тоа богатство што им дал Бог, за да им ја пружат целата љубов, затоа што јас видов дека е многу лоша работа, да немаш почувствувано мајчинска или татковска љубов или да осетиш да ти рече некој даде или батко“, вели Александар.

Од Здружението за деца без родители велат дека секогаш вложуваат напори да им помогнат на сите деца без родители, а од Центарот за социјална работа дека согласно со законот секогаш им се помага на децата без родители, затоа и Александар добил еднособен стан во населбата Точила.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG