Достапни линкови

Ваши коментари - Струјата и парното најголема болка


Илустрација.
Илустрација.

Текстот за поскапувањето на струјата и за тоа дека парно ќе треба да плаќаат и оние што не го користат е најкоментиран неделава.

„Ем те тепаат, ем не ти даваат да плачеш“ е насловот на нашиот текст-информација за најновите „честитки“ што ни ги упати Регулаторна, токму за Илинден. Но Полат Алемдар прашува зошто луѓето запнале само по Топлификација и дека го заборавиле ЕВН со струјата, поточно, оние 33,33% плус, вели, 18% ДДВ што ЕВН со нечиј благослов ги краде од народот! Па им забележува на граѓаните дека молчат, исто како и Унијата на потрошувачи, невладините, јавниот правобранител, партиите, Уставниот суд... „Дотогаш, во Македонија волкот ги чува овците, ама на крај ќе сфатат дека тој е само еден, па колку и да е јак“, загатливо пишува Полат некаде од Македонија.
Дотогаш, во Македонија волкот ги чува овците, ама на крај ќе сфатат дека тој е само еден, па колку и да е јак.
Коментар од читател.

Зоки праќа интересен пример за логиката на регулаторот: летово е пеколно жешко, јас користам клима, комшијата до мене не, и сите други околу него користат клима, а тој има за некој степен пониска температура. Зиме - обратно: никој од нас не користи парно, освен комшијата без клима, ние се грееме на струја, а тој добива топлина и кога е исклучено парното, зашто имаме мали деца и возрасни луѓе и постојано се грееме. Регулаторна го штити тој комшија и сè додека на многу жители во оваа држава главите им се само за стрижење, ќе не стрижат и нас малкутемина што размислуваме со нив.
Цените угоре, а бројот на гости надолу, па годинава сето тоа кулминира.
Коментар од читател.

Финка од Скопје ги повикува граѓаните организирано да си ги бараат правата преку народниот правобранител, а Кики потсетува дека увид во калориметрите на Топлификација никој не барал и дека пред 4 години слична ваква одлука паднала на Уставен.

Драган од град Баевски е радикален: Е, навистина претераа, навистина сме овци за стрижење ако не излеземе на протести! Владимир, пак, од Битола пресметал дека зголемувањето на цената струјата ќе чинело околу 30% не само 10, затоа што е укината и дневната евтина тарифа.

Дописникот на нашево радио од Охрид информира дека Охрид бил полупразен за Илинден. А тоа ги предизвикало неколкумина слушатели да испратат свои коментари и тоа главно во врска со цените и однесувањето на охриѓани спрема туристите. Бојан смета дека тие се неуслужливи и цинично-агресивни, Брмбрм вели дека тие постојано се жалеле дека се слабо посетени, а Томе од Битола забележува дека цените во Охрид и оние во странство и на море - биле исти и секоја година истото, пишува Томе: „Цените угоре, а бројот на гости надолу, па годинава сето тоа кулминира“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG