Достапни линкови

logo-print

Павловска - ГУП за Скопје се носи малку конспиративно


Даница Павловска, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Даница Павловска, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Отвореност на самиот план значи и отвореност на самиот процес на создавање на планот и во таа смисла ние сме малку исфрустрирани како професија. Асоцијацијата на архитекти на Македонија е организација којашто може само да помогне, дури и да критикуваме тоа не е зло, вели претседателката на Асоцијацијата Даница Павловска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Павловска во јавноста се крена прашина по изгласувањето на генералниот урбанистички план. Кои се забелешките на стручната јавност во однос на ваквиот план?

Пред се, да појасниме дека генералниот урбанистички план на градот Скопје е највисокиот стратешки документ за развој на градот и според тоа нормално е да се зборува за него. Дури нашата стручна јавност што јас на одреден начин еве ја претставувам смета дека и не се зборувало доволно. Еве во која смила: Постои еден набиен тајминг, тоа би било еден наш термин, еден многу кус временски период во којшто треба да се обнароди и да се продискутира планот како документ. Законот да, предвидува една стручна и јавна расправа којашто следи по донесувањето на нацрт планот. Значи нацрт-планот е документ на којшто може да се интервенира во случај да се изнесат аргументи односно во една силна борба на аргументите да се изнајдат некои дополнувања, мали измени итн.

Имаше таква дискусија овојпат?

Овојпат таа дискусија се одбегна на еден малку непријатен начин, затоа што се закажа стручната расправа само два, три дена по донесувањето на нацрт планот што секако не беше доволно за да се осознаат сите предлози или особености, квалитети или слабости на предложениот концепт. Но, како и да е, таа се одржа и она што е есенцијално од она што излезе, тоа е дека барем ние во стручните кругови констатиравме дека е неопходно потребно уште еднаш, а можеби и уште еднаш да се состанеме и разговараме на таа тема.

Постои ли слух од властите една таква дискусија повторно да се организира? Дали сега има можности да се сменат некои делови на генералниот урбанистички план?

Процедурата којашто е предвидена со законот подразбира да се изготват коментари и сугестии по писмен пат, да се разгледаат и комисијата да одговори на нив. Значи би требало комисијата која го води целиот документ да одлучи на кој начин тие ќе се акцептираат или ќе се отфрлат. Ние длабоко веруваме дека оваа потреба од низа дебати коишто инаку се практикуваат во другите системи, а кои за жал во нашиот просторно-урбанистички систем не се предвидени, ќе треба да се иницираат во овој случај и да се обават. Од нив не може да има штета, дури и да имаа опонентни ставови, во смисла некој ако размислува различно од вас, не значи дека ви е непријател. Добро е да го сослушате ако е компетентен, добро е да се одмерат и проценат аргументите „про“ и „контра“ и во таа смисла сметаме дека во овој навистина кус период, затоа што знаеме дека веќе во септември треба да се донесе предлог планот, ние така го викаме, зашто ова беше нацрт план, сега треба да дојде предлог којшто по неговото усвојување треба да се имплементира. Значи уште во овој период би можеле да поразговараме уште малку. Инаку нашите очекувања беа овие разговори и дебати да претходат, затоа што во овој проце, за овој генерален урбанистички план на град Скопје е усвоена една нова методологија, којашто дури уште не е доволно осознаена од стручната јавност, па можеби и од самиот тим кој го изготвува.

Дали потенцијално погрешни или потенцијално спорни елементи на генералниот урбанистички план би можеле да го влошат квалитетот на животот?

И не мора да се потенцијално спорни. Сите спорни елементи ако не се докажани во оваа фаза, ако не се исчистени, да го употребам тој термин, можат да го загрозат квалитетот на живеењето на луѓето во овој град. Значи ние од него треба да направиме една функционална естетска целина, еден организам којшто ќе функционира и ќе плусира по веќе одредена шема, особено што ако сме свесни дека постојат и некои нови трендови во светот, по однос на орджливоста на пример. Ова е момент кога ние мораме и транспортните системи да ги дефинираме и да насочиме. Тоа значи дека сообраќајниот концепт којшто генералниот урбанистички план го нуди, се надевам дека го нуди, зошто тоа малку и беше конспиративно, не можевме, немавме едноставно пристап до она што процесот продуцира. Тоа беше малку како да кажам, би го нарекла тоа со еден збор - нездраво. Отвореност на самиот план значи и отвореност на самиот процес на создавање на планот и во таа смисла ние сме малку исфрустрирани како професија. Асоцијацијата на архитекти на Македонија е организација којашто може само да помогне, дури и да критикуваме тоа не е зло. А, инаку брзањето има политичка димензија и тоа ни е јасно. Некогаш е тоа навистина стимулативно, што побргу, што поефикасно да добиеме инструмент којшто ќе не води низ развојот на градот. Септември е рок којшто е поблиску од утре, но тоа е условеност некоја од некој други општествено-политички фактори и јас тоа го разбирам, но само сакам сите да направиме еден поголем напор за да внесеме еден нов квалитет во тој план. Особено од аспект на влијание на животна средина.

Дали иницијативата за разубавување на Скопје - Скопје 2014 поконкретно, придонесува кон тоа главниот град да се претвори во една естетска целина?

Оваа тема е веќе излитена така би рекла и малку е надвор од концептот на ГУП-от. Скопје 2014 е на нешто пониско ниво во урбанистичките нивоа. Но, сите нивоа на просторното обликување ГУП-от треба да ги предложи. Значи генералниот урбанистички план којшто дефинитивно како што кажав мора да осмисли функционална естетска целина којашто му одговара на граѓанинот и затоа е тој повикан на одреден начин се сложи. Но, се сложува не низ една општа јавна дебата, туку низ стручни дебати, затоа што тој план - генералниот урбанистички план на Скопје е сепак еден високо стручен документ. Тоа е текст на којшто може да разговараат оние кои имаат доволно предсознанија. Значи во таа смисла ние не можеме да разговараме за естетиката вака како што инсинуирате со проектот Скопје 2014-та, тоа е нешто друго, друга страна, друга димензија.

Во случајов имаме од една страна цркви, па антика...

Тоа се се уметнички изрази, тоа е нешто што стратешки документи не третираат, тоа не е дел од овој документ.

Дали експертската јавност има обврска да се изјасни по повод ваквото мешање на стилови итн?

Таквото нешто е одраз на нашата општа состојба, дали е во естетската сфера, социјалната, културолошката, која и да е, значи ова е одраз на нашата општа состојба. И истоврмено одраз на еден историски миг, ма колку да ни е непријатен на нас кои се грижиме за колективната естетика. Јас во една моја изјава кажав дека постои колективна импотенција за да го разрешува тој проблем, се уште тврдам дека е така. Значи ако ние во моментов го имаме тој капацитет со такви аспекти да го обликува нашето живеење, а тоа значи нашето опкружување - естетско, функционално не е битно како се ќе го именуваме, тогаш тоа е тој некаков културно-историски миг. И ние би требало да се извлечеме од тој непријатен временски период, временски миг и да направиме исчекор, ама тоа е нешто коешто треба целиот коликтивитет да го направи, не може тоа само стручната јавност во еден момент да го обави. Таа е таа што може да влијае полека низ време една општа заедница тоа да го смени. Како што еве дојде до една ваква промена од една да ја наречам општата заедница. Оваа политика е дадена и креирана од една влада која е избрана, има легитимитет и според тоа кога и се дава доверба она креира вакви политики. Ние треба да влијаеме тие да се менуваат, особено ние кои сме одговорни за тој аспект, особено ако не сме инволвирани во самиот процес, значи треба да направиме мал притисок, треба да се наметнеме, треба едноставно да бидеме неминовни во тој процес на одлучување.

Госпоѓо Павловска, по уривањето на еден потпорен ѕид во населба на Водно, се актуализираше прашањето за безбедносните стандарди. Дали се внимава на прописите во ерата на градежната експанзија?

Да, се внимава, одговорно кажувам, меѓутоа не се работи за стандарди и прописи. Тие во голема мера, во огромен процент се дефинирани и тие со оглед дека сме ние асеизмичко подрачје навистина се високи. Значи секоја конструкција која е носива статички е проверена, низ формули и низ прописи и стандарди коишто се високи. Тоа кажувам ако се оди по прописите кои се пропишани со закон. Но, има нешто што е крајно неодговорнo, а се вика човечки фактор. Можам да коментирам како архитект, јас не сум статичар, но како и да е ние се профилираме како инженери-архитекти и имаме познавања. Така да моите информации укажуваат дека се работи за едно неодговорно интервенираање врз веќе дефинирана статичка конструкција, која била потпорен ѕид. Значи не смее никој, ама баш никој да прави атак на нешто што е веќе направено, по своја волја, без високостручен надзор и координација. Ако некој тоа го направи доаѓа до хаварија. Таа конструкција којашто се сруши, според моите информации, била статички димензионирана и изведена според прописите. Но, на нејзе во непосредна близина било интервенирано. Можеби навидум за лаици тоа не е ништо страшно да се поткопа некој таков статичен и конструктивен елемент, но за нас инженерите тоа значи рушење на системот којшто е пресметан.

Меѓу архитектите актуелни се Деновите на архитектура во Охрид, може ли да ни дадете краток преглед за што станува збор во овој случај, за каков настан?

Тоа е многу пријатна тема, афирмативна тема за нашата професија. Се работи за еден логичен раст на идејата архитектурата да стане дел од културата на живеење на градот Охрид, којшто инаку е престолнина во летото на секакви културни настани. Значи оваа година имаме Денови на архитектура во рамките на фестивалот Охридско лето, којшто има традиција и еве отпочнуваме едно ново традиционално дружење на тема архитектура. Но во фокусот на овие Денови на архитектура беше токму нашето биенале „Бимас 2012“ така е именувано, кое претставува пресек на архитектонското творештво во Македонија и е една компетиција со одредени наградени трудови, кои навистина ја илустрираат туристичката понуда на Охрид. Се зборуваше и за образованието и за културното наследство и новите аспекти на неговата заштита, меѓутоа и за креативни индустрии, нешто што треба да биде еден чадор под кој треба да се заштитат и да проникнуваат многу, многу дејности од општиот живот.
XS
SM
MD
LG