Достапни линкови

logo-print

Жестока политичка реторика поради недостиг од идеи


Секојдневно слушаме жестока реторика и навреди меѓу политичките противници, иако до локалните избори остануваат уште осум месеци.

Во немањето конкретно решение за одреден проблем или како обид да се придобијат повеќе гласови, аналитичарите ја гледаат причината за меѓусебните обвинувања меѓу политичарите на лична основа и за непристојната реторика која се почесто ја користат. Несоодветните зборови кои си ги упатуваат меѓусебе се честа слика во собраниската сала, на прес-конференциските говорници, партиските собири...
Ваквите обвинувања кои се на лична, а не на политичка основа извираат од отсуството на суштински политички платформи кај сите политички партии и ако таквите платформи постојат, тие се само про форма.

Вокабуларот на македонските политичари вообичаено е пожесток пред избори, констатираат политиколозите.

„Ваквите обвинувања кои се на лична, а не на политичка основа извираат од отсуството на суштински политички платформи кај сите политички партии и ако таквите платформи постојат, тие се само про форма“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Од каде доаѓа и што ја поттикнува несоодветната и вулгарна реторика на политичарите? Тоа зависи од тоа кој ја користи, дали политичарите на власта или на опозицијата, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.
Ако доаѓа од политичар на власт, тоа значи дека моментално се очајни, немаат решение за актуелните проблеми, немаат решение и систем на одбрана од нападите на опозицијата и единствено кон кое може да прибегнат е вулгарност, контранапад и напаѓање на противникот.

„Ако доаѓа од политичар на власт, тоа значи дека моментално се очајни, немаат решение за актуелните проблеми, немаат решение и систем на одбрана од нападите на опозицијата и единствено кон кое може да прибегнат е вулгарност, контранапад и напаѓање на противникот.“

Но дали и колку таквата реторика може да влијае врз гласачкото тело и да ги демотивира гласачите да гласаат за своите потенцијални кандидати? Експертите се поделени во мислењата. Незири смета дека гласачите се веќе разочарани од однесувањето на политичарите, а таквата состојба е поизразена кај албанското гласачко тело, вели тој.

„Оваа демотивираност повеќе се гледа кај Албанците. На последните избори нивната излезност беше под 40 отсто, што е алармантно“, вели Незири.

Стојадиновиќ, пак, смета дека ваквата реторика ќе демотивира незначителен процент од гласачкото тело.

„Сè уште таквата реторика пали кај народот, пали кај гласачкото тело и сè уште се оди од позиција на малку примитивно размислување и ставови во смисла „браво, како му кажа, така требаше да му кажеш“ и да се чува и да се поддржува некој балкански мачо стил на комуницирање меѓу политичарите“, изјави Стојадиновиќ.

Иако до локалните избори остануваат уште осум месеци, аналитичарите велат дека вокабуларот кој политичките претставници го користат е во служба на изборите. Судејќи според сегашната реторика на политичарите, тие очекуваат жестока изборна кампања во која нема да се штеди на зборови и навреди на лична основа.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG