Достапни линкови

Отчет за игралишта, но не и за енергетски објекти


Илустрација: Ветерница.
Илустрација: Ветерница.

Опозицијата обвинува дека отчетот е во функција на локалните избори. Премиерот вели дека има одредени доцнења поради светската криза.

Речено сторено, вака е опишана работата на владата во отчетот за изминатата година. Но, доколку се направи споредба на она што е напишано во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ за 2011 – 2015 година и она што е наведено во Отчетот на Владата се добива впечаток дека работите и не стојат баш така.
Можам да кажам само дека Груевски одлично ја подготвува партијата за локалните избори, ги наброја проектите, чисто статистички, нити да се задржи некаде што е тоа што е направено за подобрување на македонската економија на пример, тој броеше игралишта, локални патишта, канализации, тениски игралишта.
Тито Петковски, НСДП.
.

Прирачници, софтверски решенија, пешачки патеки, изградби на станови и куќи за маргинализирани групи, фасадно обликување на стадионот во Скопје и негово опремување, проекти за изградба на водовод и канализација, набавка на нови автобуси, надградба на ГТЦ, намалени се и дел од даночните стапки. Ова се дел од 380-те завршени и 470-те започнати проекти на Владата во изминатава година.
РЕК Битола.
РЕК Битола.

Но големите енергетски проекти кои се заведени во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ како да не дошле на ред. Дел од нереализирните проекти кои се наведени во Манифестот се хидроцентралите Чебрен и Галиште, Бошков Мост, Луково Поле, како и проектот Вардарска долина - проекти кои треба да им понудат на граѓаните поевтина домашна струја.
Појдете на пример во Козле, во Заводот за физикална рехабилитација. Таму луѓето ќе умрат од илјада други работи отколку од болеста. Па поминете само низ клиниките, такво ѓубриште, таква нечистотија, неорганизираност, никаде не постои и се фалиме дека сме набавиле нови апарати, каде може да го видиме тоа во пракса? Никаде.
Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство.

Во ветувањата наведени во манифестот пишува дека првите количини електрична енергија од ветерната фарма во Богаданци се очекуваат да бидат произведени до крајот годинава. Но во отчетот на Владата, пак, пишува дека засега само се обезбедени 33 милиони евра за проектот „Ветерна фарма Богданци“ кој треба допрва да се реализира и догодина ова време да почне со производство.

Дополнително збунува податокот што е наведен во Манифестот дека Електрани на Македонија уште минатата година потпишале договор за заем со Германска банка ГФК во висина од 32,9 милиони евра и заедно со сопствените средства во вредност од 22 милиони евра ќе ја затворат финансиската конструкција за изградба на овој проект, што значи дека Владата парите ги имала и минатата година. Слична состојба е и со браната Луково Поле и Корабскиот довод, ревитализацијата на шесте постојни големи хидроелектрани, проекти за кои во програмата објавена минатата година и во овогодишниот отчет е наведено дека пари има, а реализацијата само што не почнала.

Се наметнува прашањето дали веќе завршените активности во 2011 година за дел од проектите се препишани од Манифестот во отчетот во 2012 година или станува збор за нешто друго?

Премиерот Никола Груевски како причини за одложување на реализацијата на дел од тие проектите, ги наведе светската економска криза која се одрази и врз Македонија, како и непредвидените околности.

Опозицијата смета дека со овој отчет Владата го подготвува теренот за локалните избори.

„Можам да кажам само дека Груевски одлично ја подготвува партијата за локалните избори, ги наброја проектите, чисто статистички, нити да се задржи некаде што е тоа што е направено за подобрување на македонската економија на пример, тој броеше игралишта, локални патишта, канализации, тениски игралишта“, вели Тито Петковски од НСДП.

Власта тврди дека овие проекти им се од корист на граѓаните и дека тие се први кои даваат Отчет за потрошените пари, нешто што во минатото не било случај. Еден од секторите со кои се гордее Владата е здравството, но при споредба на отчетот со ветувањата во Манифестот и таму се гледа разлика. На пример, ветено е дека до јуни годинава ќе биде формирана Агенција за акредитација на здравствени установи, проект за кој во Отчетот е наведено дека започнува постапката за формирање на Агенцијата. Нови лаборатории, апарати и опрема во здравството се дел од гордоста на власта, но болниците кои требаше да бидат реновирани според ветеното во Отчетот се уште се напишани во идно време.

„Појдете на пример во Козле, во Заводот за физикална рехабилитација. Таму луѓето ќе умрат од илјада други работи отколку од болеста. Па поминете само низ клиниките, такво ѓубриште, таква нечистотија, неорганизираност, никаде не постои и се фалиме дека сме набавиле нови апарати, каде може да го видиме тоа во пракса? Никаде“, вели поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец.

Како реализиран проект на Владата во Отчетот е наведено и реновирањето и доизградбата на аеродромот Александар Велики што го направи концесионерот ТАВ.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG