Достапни линкови

Битолската болница се поднови со персонал


За 27 работни места во битолската болница конкурирале 250 пријавени. Од нив 120 конкурирале за 11 работни места како медицинска сестра , а дури 118 беа пријавени за 13 лекарски места.

Битолската болница ќе се подмлади со 27 нововработени доктори, медицински сестри и радиолошки технолози. На последниот конкурс за вработување таа доби дозвола да вработи толку медицински лица од 250 пријавени. Половината од кандидатите, односно 120 беа медицински сестри кои конкурираат за 11 работни места, а дури 118 беа пријавени за 13 лекарски места.
Нагласена е и потребата од кадровско освежување со специјалисти од сите области. Тоа не е идеја туку реално согледување на состојбата.

Од битолската болница ја потврдија информацијата, а изјава дадоа од Комисијата за здравство при општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

„Нагласена е и потребата од кадровско освежување со специјалисти од сите области. Тоа не е идеја туку реално согледување на состојбата. Во тој правец неодамна заврши и процедурата за 27 вработувања што е само почеток на екипирањето на битолското здравство како наша стратешка цел. Континуирано се инвестира во едукација, усовршување и субспецијализација на доктори. Очекуваме десет доктори наскоро да се вратат во тимот на болницата како специјалисти“, изјави Славица Настевска, претседател на комисијата.

Сегашното раководство не може да посочи која е старосната структура на лекарите специјалисти во болницата, за тоа допрва ќе прават анализи. Но, според изјавите на нивните претходници, старосната структура на вработените во установата е неповолна. Просечната возраст кај целокупниот кадар е 55 години, а кај лекарите 51 година. Според ова, најголемиот дел од персоналот би заминал во пензија, жените за седум, а мажите за девет години, поради што има неопходност од вработувања.

Дел од кандидатите кои беа одбиени на последниот конкурс најавија дека ќе поднесат жалби зашто иако биле меѓу првите на ранг листата не добиле работа. Од болницата изјавија дека според законските одредби менаџерскиот тим има дискреционо право преку спроведеното интервју да одбери кој од кадрите ќе бидат вработени.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG