Достапни линкови

logo-print

За оние што продаваат е ефтино и неисплатливо. За оние пак што купуваат е скапо. Се зависи од парите велат граѓаните, но сметките дома и на пазар никогаш не се исти.

Зелениот пазар во Куманово многу одамна некој го прогласил за најскап во државава. Дали е така или не, кумановци велат дека е релативно, па дури и дека е еден од најефтините. Но сите се согласуваат дека за оние што продаваат е ефтино и неисплатливо. Скапо е за оние што купуваат. Тоа е непишано правило со кое кумановци живеат подрамнувајќи ги сметките направени дома и на пазарот. А тие никогаш не се исти.
За кого скап, за кого не, зависи од пари. За мене не е скапо, јас сум сама со 9 илјади денари пензија, а имам комшии кои со 3 илјади денари социјално четворица живеат.

РСЕ: Дали кумановскиот Зелен пазар е скап?

„Дали е скап? Јас мислам дека е скап особено ова што сега се продава.“

РСЕ:Секоја година се вели дека е еден од најскапите во државава?

„Како може вчера жена ми донела од Скопје за 10 денари купена блага пиперка за пржење, таа иста овдека е 25 денари.“

РСЕ: Зошто е тоа така?

„Има прекупци кои во Скопје купуваат, овдека продаваат и затоа е така скапо. Производители многу малку има.“
Во главата им се мота што од Куманово има до 10 илјади млади што работат во Авганистан и сега мислат дека парата тука се врти. Да не се тие, Куманово би било Пробиштип.

РСЕ: Дали мислите дека според препродавачите кумановци имаат висок стандард?

„Во главата им се мота што од Куманово има до 10 илјади млади што работат во Авганистан и сега мислат дека парата тука се врти. Да не се тие, Куманово би било Пробиштип.“

„За кого скап, за кого не, зависи од пари. За мене не е скапо, јас сум сама со 9 илјади денари пензија, а имам комшии кои со 3 илјади денари социјално четворица живеат.“

„Најефтин е во целата држава. Ниту во Скопје не е како во Куманово.“

„Просечен. Зависи што се зема. Не знам како е во Скопје. Зависи од џебот на луѓето и зависи што се купува.“

„За народот со мали плати робата е скапа. За земјоделците не е скапо, за купувачите е скапо. Да не се прекупците земјоделците нема да опстанат. Прекупците ја купуваат топ -тан стоката, а ја продаваат за мали пари. А земјоделците ја продаваат и си одат додека прекупците пола ја фрлаат во канти.“

„Релативно. Има некои работи се поскапи, разликата е пет до 10 ден. Има и пазари кои се поскапи од кумановскиот.“

„Напротив еден од најефтините е во државата, на други места е дури и дупло поскапо.“

Прекупците кои на високите температури со прскалки го освежуваат овошјето и зелeнчукот за да ги привлечат купувачите велат дека тешко се живее од оваа работа.

„ Не е скапо туку луѓето немаат пари.“

РСЕ: Може ли да се живее од тезга?

„Бога ми не. Никако.“

РСЕ:Сепак работите!

„Мора, нема каде да одиме. Друг излез нема. Ништо не е скапо иста е цената како лани. Купувачи сега има помалку. Нема пари, а без пари не се работи.“

И додека минатата година во овој период на пазарот вриеше како во кошница, фреквентноста сега е намалена. Дали тоа се должи на немаштијата или пак на намалената потрошувачка на земјоделските и градинарските производи изложени на пазарските тезги или пак помладите генерации во Куманово тие потреби ги задоволуваат во маркетите!. Можеби затоа и на пазарот најбројни од малубројните купувачи се оние од средната и постарата генерација.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG