Достапни линкови

logo-print

Пропадна референдумот за смена на Басеску


Трајан Басеску

Трајан Басеску

Вчерашниот референдум за сменување на романскиот претседател Трајан Басеску е неважечки поради малиот одѕив на избирачите. До изјаснувањето дојде откако владата на премиерот Виктор Понта го обвини шефот на државата дека го кршел Уставот со тоа што се мешал во владините работи.

Централната изборна комисија соопшти дека одѕивот на референдумот за сменување на претседателот Трајан Басеску бил скоро 46 насто, со маргинална грешка од 3 проценти.

Според законот, референдумот се прогласува за неважечки доколку гласаат помалку од половината регистрирани гласачи.

Бирото веднаш не го соопшти резултатот на референдумот, но според некои излезни анкети по гласањето, над 65 насто се изјасниле за сменување на Басеску кој во 2009 година по втор пат беше избран на оваа функција со мандат од пет години.

Пред одржувањето на реферндумот тој побара од гласачите да го бојкотираат.

„Романците го поништија референдумот со тоа што не учествуваа“, изјави Басеску.

До гласањето дојде откако централно левичарската влада на премиерот Виктор Понта го обвини шефот на државата дека го кршел Уставот со тоа што се мешал во владините работи.
Потрошивме 100 милиони леи, околу 23 милиони евра, за ништо, наместо да им помогнеме на сиромашните деца и луѓе. Овој референдум не беше потребен. Басеску треба да го сфати тоа и да поднесе оставка.

Доколку изјаснувањето успееше тогаш во земјата требаше да се одржат нови претседателски избори во рок од три месеци. Таквата евентуалност ќе ги одложеше парламентраните избори кои треба да се одржат во ноември годинава.

Кавгите околу Басеску всушност доведоа до неколку неделно одложување на неопходните политички одлуки. Тоа доведе до пад на вредноста на националната валута и ги интензивира сомнежите за судбината на помошта од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 5 милијарди евра.

Тоа исто така ги налути Европската унија и Соединетите држави кои го обвинија премиерот Понта дека, со барањето за отстранување на претседателот Басеску, го поткопува владеењето на правото и се меша во судските работи на земјата.

Имено, приврзаниците на Понта изведоа неколку законски и политички маневри со цел да го олеснат патот за менување на Басеску, поради што Брисел и јасно кажа дека е загрижен за демократијата во Романија.
Виктор Понта

Виктор Понта


Референдумот исто така ги налути и романците кои сметаат дека ваквата политичка заткулисна пресметка го отргна вниманието на јавноста од главниот проблем со кој се соочува земјата, падот на економијата.

„Потрошивме 100 милиони леи, околу 23 милиони евра, за ништо, наместо да им помогнеме на сиромашните деца и луѓе. Овој референдум не беше потребен. Басеску треба да го сфати тоа и да поднесе оставка“, вели Леополд од Букурешт.

Претседателот Басеску кој и во 2007 година го преживеа барањето за негово сменување изјави дека бил жртва на политичари кои сакаат да ја спречат антикорупциската кампања што неодамна резултираше и со затворање на поранешниот премиер Адријан Настасе.

И покрај ваквиот исход на референдумот многумина аналитичари се согласуваат дека тензиите ќе продолжат и натаму и оти наскоро би можело да дојде до интензивирање на политичката, а со тоа и на економската криза во Романија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG