Достапни линкови

Вести

Русија и Западот се обвинуваат за Сирија

Русија и западните сили меѓусебно се обвинуваат дека ги попречуваат напорите за ставање крај на конфликтот во Сирија.

Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус при посета на Варшава, ги обвини Москва и Кина за спротивставување на резолуцијата на ОН за ставање крај на борбите во Сирија. Тој изјави дека се надева дека тие конечно ќе ги слушнат повиците што доаѓаат не само од Сирија, туки од Арапскитe земјии oд целиот свет, за да се стави крај на крвопролевање во Сирија.

Во Москва, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пак, ги обвини западните сили за поддршка на сириската опозиција и на тој начин допринесуваат за пролонгирање на конфликтот:

„Ние предлагаме нешта кои веднаш може да го запрат насилството во Сирија, но друга страна вели НЕ“, рече Лавров.

Во меѓувреме, Иран соопшти дека ќе продолжи да стои на страната на својот сојузник Сирија. А во Сирија продолжуваат борбите меѓу владините сили и бунтовниците .

види ги сите денешни вести

Сè помалку учениции и сè повеќе затворени училишта

илустрација
илустрација

Бројот на ученици во редовните основни училишта на крајот на 2022/2023 година е намален за 1,4 проценти, а бројот на ученици во средните училишта за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година, покажуваат податоците објавени од Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, во учебната 2022/2023 година во основните училишта имало вкупно 182 245 ученици, а во средните училишта 66 678 ученици.

Податоците меѓудругото, покажуваат дека за една година се затворени 14 училишта.

Драстично намален број на ученици годинава има во поголемите општини како Битола, Охрид и Прилеп. Повеќе ученици се запишани само во Аеродром и Чаир. Секоја година сè повеќе деца на македонски државјани се раѓаат во странство, а Северна Македонија е меѓу 20-те земји со најголема стапка на иселување.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека на крајот од секоја година на државно ниво за стотици ученици е помал бројот на ученици кои ја завршуваат годината, во однос на оние кои се запишале на почетокот од истата, токму како последица на заминувањето во други држави.

Српската опозиција предлага локалните и белградските избори да се одржат наесен

Илустрација од изборите во Србија, 17 декември 2023 гдина
Илустрација од изборите во Србија, 17 декември 2023 гдина

Пратениците од коалицијата „Србија против насилството“ на претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ и доставија предлог за измени на Уставниот закон, со кои се предлага локалните и белградските избори да се одржат истовремено, на есен оваа година.

Во документот испратен до Брнабиќ, се наведува дека Србија се наоѓа во сложена уставна криза, која има своја меѓународна димензија и дека изборите во претходните години беа систематски поделени на термини во кои се избираат собранија на единиците на локалната самоуправа и затоа нивниот предлог е сите избори за единиците на локалната самоуправа да се одржат во ист ден, во 2024 година.

Во документот што го објави Нова с, пишува дека изборите за Собранието на Град Белград и собранијата на сите општини, градови и општини во Србија треба да се одржат истиот ден шест месеци од стапувањето во сила на последен пат донесен закон најрано, а најдоцна до крајот на 2024 година.

Во документот што го објави телевизијата Нова-С, пишува дека изборите за Собранието на Град Белград и собранијата на сите општини, градови и општини во Србија треба да се одржат во ист ден, најрано шест месеци по влегувањето во сила на последниот донесен закон, а најдоцна до крајот на 2024 година.

„Народното собрание ќе донесе закони за изменување и дополнување на Законот за локални избори, Законот за избор на народни пратеници, Законот за единствен избирачки список, Законот за живеалиште и престој на граѓаните, Законот за финансирање на политичките активности, Закон за спречување на корупцијата и Закон за Уставен суд“, се наведува во предлогот.

Предвидено е властите на градот Белград, општините, градовите и градските општини кои ги извршуваа своите функции во времето на влегувањето во сила на овој Уставен закон, да продолжат да работат до денот на конституирањето на новите собранија.

Синдикатот во Македонска пошта бара нова систематизација

Зградата на Македонска пошта (илустрација)
Зградата на Македонска пошта (илустрација)

Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како почетно решение за состојбата на Поштата, која, како што изјави денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а со која се доведени во прашање над 2000 работни места.

По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

„Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.

Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00

Тој рече дека му е важно да не продолжи лошата кадровска политика и партизацијата и дека клучен проблем е токму систематизацијата.

„Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес“, укажа Велигденов.

Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.

Според него, по последниот протест на вработените минатиот месец, УО и Владата не одговориле на барањата за состанок и ги нарушиле начелата и принципите за социјален дијалог и ги оставиле вработените сами да се борат за спас на Македонска пошта и за зачувување на работните места.

Поради распишаните избори во тек се консултации со членството за да се одлучи какви ќе бидат плановите за организирање протест и штрајк.

ЕУ усвои измени во преговарачката рамка со Србија, вклучувајќи ги и обврските од Охридскиот договор

Премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел и пратеникот за дијалог на ЕУ, Мирослав Лајчак
Премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел и пратеникот за дијалог на ЕУ, Мирослав Лајчак

Амбасадорите на членките на Европската Унија (ЕУ) едногласно ги усвоија дополнувањата и измените во поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори.

Овие измени се однесуваат на обврските за Србија кои произлегоа од договорите со Косово, лани во Брисел и Охрид.

Во договорениот текст, меѓу другото, се наведува дека умнапредувањето на преговорите на Србија за пристапување во ЕУ ќе биде водено од напредокот на Србија во подготовките за пристапување, „што ќе се мери особено во однос на континуираниот ангажман на Србија во видливо и одржливо подобрување на односите со Косово, како и другите барања содржани во точка 23 од преговарачката рамка“.

Во текстот во кој РСЕ имаше увид, се нагласува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација на патот меѓу Косово и Србија, според нејзиниот анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година.

„Сите дискусии поврзани со имплементацијата на Договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ“, стои во договорениот текст на измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка меѓу Брисел и Белград.

По одобрувањето на евроамбасадорот, Србија писмено ќе биде информирана за измените и дополнувањата на преговарачката рамка.

Со усвојувањето на овој став, обврските на Србија од Бриселскиот и Охридскиот договор стануваат составен дел од процесот на пристапување на Србија во ЕУ.

„Заедничкиот став за поглавјето 35 за Србија беше усвоен без коментар. Претседателството објави дека истиот јазик ќе се користи и во Косово“, изјави дипломатски извор за РСЕ.

Рамката за преговори на ЕУ е основниот документ на кој се одвива процесот на преговори за членство со земјата кандидат. Поглавјето 35 во преговорите за членство на Србија ги вклучува односите со Косово.

Заедно со Црна Гора, Србија се смета за лидер во процесот на пристапните преговори. Сепак, поради неподдржувањето на санкциите на ЕУ против Русија, Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2021 година.

ЕУ секогаш најавуваше дека обврските на Србија и Косово од договорите постигнати во дијалогот ќе бидат составен дел од европскиот пат за секоја земја.

Бидејќи Косово нема кандидатски статус, обврските од дијалогот ќе бидат вклучени во специјалната група за нормализација.

Британскиот парламент расправа за закон за постепена забрана на пушењето

илустрација
илустрација

Британскиот парламент во вторник (16 април) ја почна расправата за нацрт-законот што ќе оневозможи младите луѓе да пушат, предложен од премиерот Риши Сунак и покрај противењето на многумина во неговата Конзервативна партија.

Законот ќе ја забрани продажбата на тутунски производи на сите родени по 1 јануари 2009 година, ефективно зголемувајќи ја возраста за пушење за една година во секоја наредна година додека не се покрие целото население.

„Ова има потенцијал постепено да го укине пушењето кај младите веќе во 2040 година“, рече владата при презентацијата на планот, нарекувајќи го „историски“ потег.

Иако се чини дека законот ќе биде донесен благодарение на поддршката на опозициските партии, Сунак се соочува со можност од бунт од конзервативните пратеници.

Загрозениот премиер има мал политички капитал за трошење во неговата распадната партија, која со месеци заостанува зад опозициските лабуристи на анкетите.

Конзервативниот пратеник Сајмон Кларк за Би-Би-Си изјави дека е „и скептичен и целосно против“ предложениот закон за пушење.

„Мислам дека целосната забрана ризикува да стане контрапродуктивна, мислам дека всушност ризикува да создаде црн пазар, а исто така ризикува да создаде предизвик што властите не можат да го контролираат“, рече тој.

Поранешниот премиер Борис Џонсон, исто така, на настан во Канада минатата недела рече дека е „лудо“ што партијата на Винстон Черчил „забранува пури“.

Сепак, анкетите покажуваат дека околу две третини од луѓето во Обединетото Кралство поддржуваат постепена забрана за пушење.

Пожар во зградата на Берзата во Копенхаген, се урна нејзиниот врв

илустрација
илустрација

Пожар изутрината го зафатил покривот на зградата на Берзата во Копенхаген, која е една од најстарите згради во градот, јавуваат медиумите.

Зградата која се наоѓа веднаш до палатата Кристијансборг, каде што се наоѓа Парламентот, е популарна туристичка атракција.

Се урнал и симболичниот врв во облик на заплеткани опашки на четири змејови, висок 56 метри.

Големи облаци чад се издигнуваат над центарот на Копенхаген и се гледаат луѓе кои трчаат во зградата за да ги спасат сликите. Данските медиуми јавуваат дека анексот на Парламентот е евакуиран.

Полицијата и пожарникарите се пред зградата, која е опкружена со скелиња. Пристигнала и Итна помош, но нема информации за жртви.

Палатата Кристијансборг гореше во неколку наврати досега. Неодамна, во 1990 година избувна пожар во анексот на парламентот познат како Proviantgaarden. Полицијата побара од луѓето да избегнуваат возење во внатрешниот дел на градот.

Причината за пожарот засега не е позната.

Шолц ја повика Кина да придонесе за „праведен мир“ во Украина

Комбинирана фотографија на германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Кси Џинпинг
Комбинирана фотографија на германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Кси Џинпинг

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (16 април) изјави дека се надева оти Берлин и Пекинг можат да помогнат да се постигне „праведен мир“ во Украина, пред разговорите со претседателот Кси Џинпинг во кинескиот главен град.

На состанокот со Кси, Шолц му рекол на кинескиот лидер дека се надева дека ќе разговара за тоа како двете земји можат „повеќе да придонесат за праведен мир во Украина“.

Иако Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина, Пекинг се најде на удар на критики затоа што одби да ја осуди Москва за нејзината офанзива.

Кина и Русија ја засилија економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство беше зајакнато од почетокот на инвазијата на Украина.

Шолц му рекол на Кси дека „руската агресивна војна во Украина и руското вооружување имаат многу значајно негативно влијание врз безбедноста во Европа“, се вели во снимката доставена од неговиот кабинет.

„Тие директно влијаат на нашите суштински интереси“, рече Кси, додавајќи дека „го загрозуваат целиот меѓународен поредок бидејќи го прекршуваат принципот на Повелбата на Обединетите Нации“.

Шолц се осврнал и на областите каде што рече дека двете земји би можеле да соработуваат, вклучително и климатските промени.

Кинеските државни медиуми објавија дека Кси ја истакнал важноста на односите во соочувањето со „зголемените ризици и предизвици“.

„Двете земји треба да гледаат и да ги развиваат билатералните односи од долгорочна и стратешка перспектива и да работат заедно за да донесат поголема стабилност и сигурност во светот“, додаде кинескиот лидер.

Тој исто така презентирал, како што наведуваат кинеските државни медиуми, „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и за враќање на мирот“.

Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, рече Кси, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“.

„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, додаде Кси, истовремено додавајќи дека треба да го „намалиме негативното влијание врз светската економија“.

„Четирите принципи“ се слични на документот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, за кој западните земји велат дека може да и дозволи на Русија да задржи повеќе од територијата што ја зазеде во Украина.

Шолц пристигна во Кина во неделата, придружуван од голема делегација министри и бизнис лидери во неговата втора посета на земјата откако ја презеде функцијата канцелар.

По престојот во Чонгкинг и економскиот центар на Шангај, Шолц пристигна во Пекинг, каде што има за цел да ги зајакне економските врски со најголемиот трговски партнер на Берлин.

ЕУ ќе потроши 3,5 милијарди евра за заштита на океаните

илустрација
илустрација

Европската Унија ќе потроши 3,5 милијарди евра годинава за заштита на океаните и промовирање на одржливост преку серија иницијативи, изјави во вторник (16 март) највисокиот претставник на ЕУ за животна средина.

Предвидените мерки се движат од борба против морското загадување до поддршка за одржлив риболов и инвестиции во таканаречената сина економија - одржливо користење на морските и слатководните ресурси за економски активности.

Иницијативите беа објавени за време на конференцијата „Нашиот океан“ оваа недела во Атина, на која учествуваа околу 120 земји.

„Океанот е дел од тоа што сме ние и тоа е наша заедничка одговорност“, рече еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус.

Обврските вклучуваат поддршка за 14 инвестиции и една реформа во одржливото рибарство во Кипар, Грција, Полска, Португалија во вредност од околу 1,9 милијарди евра и 980 милиони евра во рамките на Фондот за закрепнување и отпорност на ЕУ.

Други иницијативи имаат за цел да им помогнат на африканските земји да ја развијат својата сина економија.

Повеќе од 400 нови обврски во вкупна вредност од 10 милијарди долари ќе бидат објавени за време на конференцијата, изјави грчки владин претставник за Ројтерс во понеделникот, кој сакаше да остане анонимен.

Агенцијата за климатски промени на Европската Унија, Коперник, минатиот месец соопшти дека температурите на океаните достигнале рекордно високо ниво во февруари, врз основа на податоците од 1979 година. Преголемиот риболов и загадувањето со пластика се исто така главна закана за океаните.

Втор ден штрајк на приватните специјализанти

Штрајк на младите приватни специјализанти, 15 април 2024 година
Штрајк на младите приватни специјализанти, 15 април 2024 година

Приватните специјализанти утрово (16 април) продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Тие најавија дека нема да го прекинат штрајкот се додека не ја дочекаат информацијата од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството.

„Ние го продолжуваме штрајкот сè додека не помине седницата на Влада и министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено, па потоа ќе одлучиме за следните чекори. Сè уште не се исполнети нашите барања, ветувањето на Илир Демири беше дека тој има разбирање за нашите проблеми, но еден месец не беа предложени на седница на Влада“, истакна Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

На средбата беше кажано дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување.

Министерот за здравство побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

Долниот дом на Американскиот конгрес посебно ќе гласа за помош за Израел и Украина

Мајк Џонсон
Мајк Џонсон

Претставничкиот дом на Соединетите Држави следната недела ќе гласа одделно за помош на Украина и Израел, соопшти синоќа републиканецот Мајк Џонсон, повеќе од два месеци откако Сенатот ја отфрли мерката што ги вклучува двете држави.

Доцна синоќа (15 април), по состанокот со републиканските претставници во Долниот дом на Конгресот, претседателот на Претставничкиот дом рече дека ова тело потоа ќе ја разгледа и помошта за Тајван и американските сојузници во Источна Азија.

„Знаеме дека светот ја чека нашата реакција. Тие сакаат да видат дали Америка ќе застане зад своите сојузници, во наш интерес низ светот“, вели Џонсон.

Американската помош за овие земји сè уште не е усвоена бидејќи Џонсон не сакаше да ја разгледа мерката од 95 милијарди долари што Горниот дом ја усвои во февруари. Вклучува 14 милијарди долари помош за Израел и 60 милијарди за Украина.

Џонсон нагласи дека новите мерки во Претставничкиот дом предвидуваат приближно исти износи на странска помош. Притисокот конечно да помине оваа финансиска помош преку Конгресот порасна по иранскиот напад врз Израел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG