Достапни линкови

Здравствената картичка најкоментирана


Премиерот Никола Груевски во посета на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје на 23 јуни 2012.

Премиерот Никола Груевски во посета на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје на 23 јуни 2012.

Текстот за новите електронски здравствени картички кои ќе се плаќаат по 250 денари привлекол највеќе коментари на нашата интернет страница.

Здравствените картички очигледно се новото нешто кај нас на кое реагираат граѓаните, како на сенешто ново, впрочем. Па така, Перо од Скопје на нашата веб страница напишал речиси цела студија за добрите страни на електронските здравствени картички, како и за негативностите, меѓу кои на прво место го става можното нарушување на приватноста на пациентот од страна на лекарите ако не се користи соодветно. Но повеќето коментари се заради нејзиното наплатување.
Се чудат како да ни ги земат парите.

Александар прашува зошто ќе се наплатуваат по 250 денари, вели, кога ги исклучуваат сините картони, а нивното печатење чинеше многу. Веројатно мисли дека тие пари можат да се искористат за картичките и дека некој, како што пишува, ќе направи голем бизнис од ова. Џони од Валандово смета дека 4 евра за картичка е ненормална работа, а некој Анонимен пишува: „Се чудат како да ни ги земат парите“. Ѓорѓи од Скопје, пак, ги поздравува новитетите во здравствениот систем.
А, бре, Диме како да им се погоди на непогодениве. Ако го спомнеме Бранко сме биле опседнати со Бранко, ако го спомнеме Никола, сме биле комуњари. А, ништо да не пишуваме, најдобро?

Младинската он-лајн колумна на претседателот на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, Диме Спасов, во која пишува дека има многу разлики меѓу двете најголеми партии, неговата и СДСМ, и тоа во корист на ВМРО-ДПМНЕ, предизвикала исто така најразлични коментари. Некои го фалат и го поттикнуваат да продолжел да пишувал добри текстови, а пораката на Мац Маг од Скопје, како да ја покажува на слика нашата реалност, пишува: „А, бре, Диме како да им се погоди на непогодениве. Ако го спомнеме Бранко сме биле опседнати со Бранко, ако го спомнеме Никола, сме биле комуњари. А, ништо да не пишуваме, најдобро?“ И му препорачува на Диме Спасов да не го мава со камења секое куче на патот што ќе залае по него, зашто нема, му вели, да стигнеш до целта.

Алекс го предизвикува Спасов да одговори како при толкава преродба околу 60 отсто од младите до 30-годишна возраст се без работа и најголемиот дел од нив сакаат да си заминат во странство.

Неделното интервју на Радио Слободна Европа, со Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, провоцира негативен коментар кај Ванчо кој забележува дека на Митревски добро му стоел костумот и вратоврската и иронично забележува дека веројатно ги купил од минималната плата, а Орвел го нарекува владин полтрон и му препорачува да оди да види како е во текстилна фабрика каде што се работи за 8 илјади денари. ВС го кара Орвела и му порачува дека кој за колку го бива, за толку ќе работи.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG