Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Здружена опозиција, МПЦ vs. Љубчо


Средба на лидерите на СДСМ и на ДПА, Бранко Црвенковски и Мендух Тачи, во ресторанот Петрол компани на автопатот Скопје-Тетово.

Средба на лидерите на СДСМ и на ДПА, Бранко Црвенковски и Мендух Тачи, во ресторанот Петрол компани на автопатот Скопје-Тетово.

Глобус пишува за „Супериорноста на тројниот сојуз“ Црвенковски-Георгиевски-Тачи, а Фокус дека власта е нервозна и затоа ја користи МПЦ против Љубчо.

Глобус - Супериорноста на тројниот сојуз
МПЦ прави сè да ѝ се допадне на власта, ама и со Љубчо да не се потскара, зашто во негово време црквта со раширени раце беше пречекана од државата, а неговите луѓе здушно помогнаа токму дедо Стефан да се качи на тронот.

„Супериорноста на тројниот сојуз“, е насловена една од колумните - анализи во Глобус во која авторот ги наведува сите стапици, но и поволности што можат да се изродат од тројната предизборна опозициона коалиција Црвенковски-Георгиевски-Тачи. Глобус ја поистоветува ситуацијата со онаа во 2001 година кога мораше да се носат храбри и рационални одлуки и кога истите три партии формираа влада на широка коалиција зашто во прашање беше иднината на Македонија. И сега е најден заедничкиот именител - заштита на државава од недемократскиот режим на Груевски. По две децении политичка активност, пишува Глобус, тројцата политичари открија дека за една работа можат да си веруваат, дека тоа го потврдиле и во практиката: секој од нив одделно сфати дека поранешниот политички противник има демократски капацитет, или дека не бил подготвен да ја загрози и да ја уништи демократијата. Во тој поглед, секој од нив одделно, а особено заедно, можат да се чувствуваат супериорно во однос на Груевски, смета неделникот.

Капитал - Жална и срамна е македонската интелигенција изгубена во трка по позиции и пари!, вели Малески

„Жална и срамна е македонската интелигенција изгубена во трка по позиции и пари!“, го цитира во насловот неделниот Капитал универзитетскиот професор д-р Денко Малески, инаку поранешен министер за надворешни работи, со кого објавува пошироко интервју посветено на политичките состојби во земјава и водењето на надворешната политика во годините по него, до денес. Малески, покрај другото, зборува за штетата што ја прави една специфична „сорта интелектуалци“, кои се научени со години да се доближуваат до секоја власт за сега да ја остават државата без независна интелектуална мисла, како критичар на општествените процеси.

Граѓански - Грција предложи име „Република Транскожув Македонија“, открива Милошоски

Граѓански, пак, објавува интервју, исто така со еден поранешен прв дипломат - Антонио Милошоски. Ослободен од одговорноста што ја носи министерското место, Милошоски открива интересни детали од преговорите со Грција за името и изразува сомнеж дека со новата влада во Грција ќе се дојде до некакво решение. Тој открива дека едно од најкуриозитетните предлози за ново име дадено во времето на министерката Бакојани бил „Република Транскожув Македонија“.

Фокус - Црковниот врв реши да се пресмета со Љубчо Георгиевски

Светиот Синод прати чудна порака до верниот народ, пишува во уводникот Фокус. Црковниот врв реши да се пресмета со Љубчо Георгиевски, или мислеа на некој друг гласноговорник на „нечуените лаги и фалсификати за македонската вистина?“ Нејасно е, додава неделникот, зошто дедо Стефан гневот го истури врз „безимено другарче“, па вади теза дека груевци мора да не се спокојни штом толку рано решија да ја злоупотребат Црквата во најновата политичка пресметка, дека МПЦ прави сè да ѝ се допадне на власта, ама и со Љубчо да не се потскара, зашто во негово време црквта со раширени раце беше пречекана од државата, а неговите луѓе здушно помогнаа токму дедо Стефан да се качи на тронот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG