Достапни линкови

Просторни декомпозиции на Билбилоска во Безистен


„Просторни декомпозиции“ е насловена првата самостојна изложба на Билјана Билбилоска што ликовната публика, од 17 јули до 7 август, ќе може да ја проследи во Галерија 8 на ДЛУМ, во скопски Безистен.

Седумте изложени графики на Билјана Билбилоска во Галерија 8 со заеднички наслов „Просторни декомпозиции“ на повидок ја изнесуваат желбата и обидот на уметницата да негува послободен, поекспресивен и посликарски пристап во сопственото творештво, нешто што не е толку вообичаено за класичната графика.
Ликовниот пристап се обидувам претежно да го третирам некласично графички туку повеќе сликарски, слободно и поекспресивно.
Билјана Билбилоска, уметник.

„Ликовниот пристап се обидувам претежно да го третирам некласично графички туку повеќе сликарски, слободно и поекспресивно. Бојата ми претставува посебен предизвик. Пред сè боите сакам да ги барам и да ги пронаоѓам, а не да ги користам чисти. Целта и суштината на графиката пред сè е да се создаде слика.“
Македонската сликарка Билјана Билбилоска.
Македонската сликарка Билјана Билбилоска.

Говорејќи за актуелниот циклус графики, Билбилоска истакнува дека секоја од нив претставува всушност целина расчленета на повеќе фрагменти, па оттаму и името на нејзиното актуелно претставување пред ликовната публика.

„Насловот „Просторни декомпозиции“ потекнува од тоа што графиките делуваат како да се една целина, меѓутоа составена од повеќе засебни делови кои формираат впечаток на меѓупростор, многу повеќе отколку впечаток на релација на елементите коишто делуваат како да не се толку многу поврзани. Се работи за декомпозиција којашто во суштина значи расчленување на една целина на повеќе засебни делови.“

Билјана Билбилиска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со графички дизајн, кај професорот Зоран Јакимовски, а моментално е на постдипломските студии кај д-р Трајче Блажевски.

Зад себе има бројни групни претставувања во Македонија, Србија, Турција, Романија, Полска и во САД, а член е на ДЛУМ од 2010 година. Посебно значајно за неа е што таа влегува во редот на младите уметници кои заговараат послободен пристап и бегство од стереотипите во творештвото.
„Сметам дека е време графиката да почне да се третира малку послободно, значи да се избега од стереотипите на класичниот графички лист. Исто така сметам дека лошиот отпечаток или, пак, грешката во самото печатење на графиката понекогаш може да ја направи графиката поинтересна и покреативна и сето тоа докажува дека не само во графиката, туку и во уметноста воопшто, не постојат апсолутни грешки.“

Инаку, Билбиловска нема намера актуелната постановка да ја репризира во некој од поголемите градови во Македонија, но за октомври годинава најавува многу поголема изложба со која, како што вели, би сакала многу посериозно да зачекори на регионалната уметничка сцена.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG