Достапни линкови

„Архелаос“ единствената премиера на Стоби 2012


Отворање на фестивал на античка драма Стоби .

Отворање на фестивал на античка драма Стоби .

Утревечер на програмата на 11-тото издание на Интернационалниот фестивал на античката драма „Стоби 2012“ ќе се одржи праизведбата на претставата „Архелаос“, работена според драмскиот текст на Јордан Плевнеш, во режија на Владо Цветановски и во продукција на Драмски театар од Скопје.

„Архелаос“ или „Еврипид се враќа на Балканот“, како што ќе запише авторот Јордан Плевнеш, е драма за една изгубена трагедија која го следи враќањето на Еврипид, најтрагичниот трагичар кој се’ можел да претвори во песна, и кој прогонет од атинската демократија доаѓа во македонското село Аретуса, денешен Маслар, каде што умрел во 406 година п.н.е.

Се обидовме низ 7 различни идентитети да ја допреме, да ја отвориме таа балканска кутија на саможртвата, на самоочајот, на тагата, но и на љубовта, на среќата, на славење на животот.
Рубенс Муратовски, актер.

Рубенс Муратовски, актер.

Тој овде ја напишал и својата последна драма "Архелаос" или „Почетокот на народите“ по која безуспешно се трага повеќе од 25 века. На тоа долго патување Еврипид тргнува на иницијатива на Претседателот на Бесмртните, техноменаџерот на Вечноста, роден во нашава епоха на Нет револуцијата и Чиракот-трагичар, Александар Ајго, со едноставна цел да ја пронајдат Ифигенија-симболот на невината жртва во европската цивилизација.
Се потрудив да бидам не онаков каков што ние си мислиме дека е Еврипид, затоа што никој од нас нема пиено кафе со него, па да каже точно каков бил Еврипид, туку онака како што јас го чувствувам согласно идеите и концептот на режисерот.

Режисерот Владо Цветановски истакнува дека најновиот текст на Јордан Плевнеш - „Архелаос“ или „Еврипид се враќа на Балканот“ за него бил посебен предизвик заради тоа што, како што вели, „со него влеговме во балканските лавиринти на идентитетот“.

„Се обидовме низ 7 различни идентитети да ја допреме, да ја отвориме таа балканска кутија на саможртвата, на самоочајот, на тагата, но и на љубовта, на среќата, на славење на животот.“

Цветановски дополнува дека во претставата, покрај врвните актерски креации на членовите на ансамблот на Драмскиот театар од Скопје, значаен елемент е и звучната слика што ја потпишува Валентино Скендеровски и за која тој потенцира дека „ова истражување е во некоја рака поместување на границите во медиумот“.

Рубенс Муратовски обично не милува многу да говори за улогите со образложение дека актерот она што го чувствува го покажува на сцена. Сепак, тој за ликот на Еврипид и за чинот да се игра текст на Плевнеш што го поставува Цветановски вели дека „за него се неизмерна среќа“.

„Се потрудив да бидам не онаков каков што ние си мислиме дека е Еврипид, затоа што никој од нас нема пиено кафе со него, па да каже точно каков бил Еврипид, туку онака како што јас го чувствувам согласно идеите и концептот на режисерот.“

Во претставата настапуваат и Игор Ангелов, Жарко Димоски, Трајанка Илиева, Валдета Исмаили, Гордана Ендровска, Маја Вељковиќ-Пановска, Калина Наумовска, Катерина Аневска и Билјана Беличанец-Алексиќ. Костимите се на Елена Дончева, сценографијата на Владо Ѓорески Рафик, а музиката е на Константин Плевнеш.

Инаку, „Архелаос“ е единствената премиера на 11-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2012“ на кое, од 15 до 28 јули, покрај „Антигона“ на Турскиот национален театар од Истанбул, ќе бидат прикажани „Електра“ на приватниот театар „Бети Нансен“ од Данска, „Комедија на лончето“ на ХНК од Вараждин – копродукциски проект на театри од Хрватска, Словенија и Романија, „Одбраната на Сократ“ - продукт на нашиот Театар на еден актер и Швајцарска театарска куќа и на затворањето „Медеја“ на Битолскиот театар.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG