Достапни линкови

Цените на храната во светот рапидно ќе растат


Високите цени на нафтата, се поголемата побарувачка за храна во големите земји во развој и непредвидливоста на временските прилики ќе придонесат за зголемување на цените на прехранбените производи во оваа декада, се наведува во најновиот извештај на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство и на Организацијата за економска соработка и развој.

Во наредниве десет години цените на храната во светот постојано ќе растат, што заедно со намаленото земјоделско производство ги интензивира предупредувањата на експертите дека наскоро не ќе може да се задоволи побарувачката за храна.
Ова е најдолг период на постојано растење на цените на земјоделските производи во изминативе децении.

„Ова е најдолг период на постојано растење на цените на земјоделските производи во изминативе децении“, вели Мерит Клаф од Организацијата за храна, наведувајќи дека ваквиот тренд ќе продолжи и натаму.

Светот во изминативе пет години на два пати беше уплашен во врска со храната, првиот пат за време на кризата во 2008 година што не беше забележно во последните три децении и предлани кога Русија воведе ембарго на извоз на жито поради големата суша со која беше зафетена таа земја.

Експертите сметаат дека светот може да се соочи со слична криза и годинава поради лошите приноси на пченката во Соединетите држави.

За недостигот на храната што му се заканува на светот се разговараше и на неодамнешниот самит на Групата осум најразвиени земји.

„Тука на Г8 ние ќе градиме врз напредокот што е направен досега. Денеска можам да објавам нов глобален напор, што го нарековме Нов сојуз за безбедна исхрана. За да се заврши работата ги здруживме сите клучни играчи врз оваа заедничка заложба“,изјави тогаш американскиот претседател Барак Обама.
Можеме да прехраниме 9 милијарди луѓе до 2050 година без поголеми проблеми, но треба подобро да се организираме. Една од работите што досега не сме ја направиле добро е да го вратиме земјоделството во бизнисот, односно да стане атрактивно за инвеститорите.

Во последниот извештај на Обединетите нации и ОЕЦД сепак се наведува дека, основен фактор за повиските цени на земјоделските производи останува цената на нафтата.

И не само затоа што нафтата се употребува за придвижување на тракторите и комбајните.

Имено, според стручњаците, индустријата за био горива опфаќа се поголем дел од глобалната продукција на земјоделските артикли. Се проценува дека повеќе од една третина од светското производство на шеќерна репка ќе биде користено за производство на био горива.

За да се намали опасноста од глад во светот потребно е производството на храна до 2050 година да се зголеми за 60 насто, се наведува во извештајот кој според генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој Хозе Ангел Гуриа претставува повик за будење.

„Можеме да прехраниме 9 милијарди луѓе до 2050 година без поголеми проблеми, но треба подобро да се организираме. Една од работите што досега не сме ја направиле добро е да го вратиме земјоделството во бизнисот, односно да стане атрактивно за инвеститорите“, вели Гуриа, додавајќи дека има и забележлива промена во врска со консумирањето храна со оглед на тоа што поголемиот дел на светската популација живее во градовите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG