Достапни линкови

Дневен печат - Сиромаштија и меѓупартиски борби


Сиромаштијата, меѓупартиските препукувања и урнатиот потпорен ѕид на Водно - теми во дневниот печат.

Топ тема деновиве во медиумите е податокот што го објави Државниот завод за статистика дека сиромаштијата во земјава лани изнесувала 30,4 отсто. Утрински го објавува под наслов: „Сиромаштијата и невработеноста рака под рака“. Дневник малку поублажено информира дека сиромаштијата лани била помала за 0,5 отсто, а дека „Секој трети живее со помалку од евро на ден“. И Вечер го има сличниот пристап, па насловува: „Иако сиромаштијата благо опаѓа, секој трет Македонец едвај врзува крај со крај“.
Тимот на премиерот ја менува тактиката во пресрет на жешката политичка есен и локалните избори напролет.
Утрински весник.

Во исто време, Вечер информира за новите 100 милиони евра поволни кредити за мали и средни претпријатија од Европската инвестициона банка и дека Владата дава 100 милиони денари за нови работни места. Утрински информира дека металската индустрија во земјава е пред колапс и дека во наредните месеци побарувачката од странство ќе опадне за 50 отсто.

Најавата за неформална опозициска соработка и меѓу Црвенковски и Тачи ја размрда власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ токмат заемна поддршка за локалните избори.
Дневник.
Утрински забележува дека Владата се појавила со ново лице пред јавноста, бидејќи „Тимот на премиерот ја менува тактиката во пресрет на жешката политичка есен и локалните избори напролет“ со именувањето на нов портпарол на Владата, наместо досегашната практика на излегување на премиерот со сите министри на прес-конференции.

„Најавата за неформална опозициска соработка и меѓу Црвенковски и Тачи ја размрда власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ токмат заемна поддршка за локалните избори“, информира Дневник.

Нова Македонија забележува дека „Премиер на премиер очи вади, а кривична не поднесува, па граѓаните веќе отрпнаа на јаловите искази за сторен криминал, изнесени на монтирани прес-конференции или во колумните на партиските агитатори, искажани по обичај во прашална форма“.

„Битката за името во ОН однапред е изгубена“ - пренесува Ден мислења на експерти по шушкањата дека наесен Македонија ќе побарала од Светската организација да ја признае под уставното име. Бидејќи, ги пренесува Ден експертите, никој не може да гарантира дека сите земји што нè признале под уставното име ќе гласаат во наша корист.

„Опозицијата не успеа да го ослободи пристапот до информацијата за јавниот долг преку измени на Законот за слободен пристап до информациите“, пишува дневниот Капитал по собраниската седница.

Дека се урна потпорен ѕид кај новоградбите под скопска Панорама на Водно, разбирливо објавија сите медиуми, но за волја на вистината, млако се пишува за тоа кој ќе биде одговорен. Дневник само насловува: „Водно дојде по своето, одговорноста ќе се бара“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG