Достапни линкови

Надзорни расправи или интерпелација за Вељаноски


Координативна средба со политичките партии во кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Координативна средба со политичките партии во кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја повика опозицијата на координација да се договорат за надзорните расправи. СДСМ реагира дека бојктот на координациите нема врска со барањето за надзорни расправи.

И на денешната редовна координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, опозицијата од македонскиот политички блок не се појави. Само координаторите на владејачките партии и на Демократската партија на Албанците се сретнаа со Вељаноски.
Опозицијата, пак, соопшти дека поради некоректниот и потценувачки однос на Вељаноски не се враќаат на координациите и дека барањето за надзорни расправи не треба да се врзува со ова, бидејќи на тоа претседателот на собранието е обврзан со Законот за собрание.

Освен за редовните активности во Собранието, на координацијата не било расправано за иницијативата за собраниски сослушувања кои ги побара опозициската коалиција предводена од СДСМ. Официјално барање до претседателот Вељаноски нема доставено. Според правилникот, иницијативите за надзорни расправи прво треба да поминат кај матичната комисија, а доколку тоа не се случи, се доставува барање до претседателот и тој одлучува дали ќе свика таква расправа.

За потсетување, веќе три месеци опозицијата одбива да присуствува на координациите кај собранискиот спикер. Уште во април, пратеничките групи на опозициските партии најавија дека нема да учествуваат на координативните средби. Како причина го наведоа неставањето на дневен ред на предлог-закони од опозицијата на следната седница.

Во врска со надзорната функција на парламентот, која од непознати причини повеќе од една година не ја спроведува, спикерот изјави дека ја разбира иницијативата на опозицијата, но дека за тоа да се спроведе, потребно е опозицијата да присуствува на денешната координација.

Вељаноски се повика на членот 24 од Законот за собрание каде стои дека спикерот, со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, прават годишна проекција за бројот на надзорните расправи согласно средствата и условите на Собранието.

Опозицијата, пак, соопшти дека поради некоректниот и потценувачки однос на Вељаноски не се враќаат на координациите и дека барањето за надзорни расправи не треба да се врзува со ова, бидејќи на тоа претседателот на собранието е обврзан со Законот за собрание. Го потсетуваат да го прочита членот 21 во кој стриктно стои дека доколку 15 пратеници во писмена форма побараат одржување на надзорна расправа преку претседателот на Собранието до претседателот на работното тело, тогаш претседателот на работното тело е должен веднаш да свика нејзино одржување. Значи од опозицијата велат дека закажувањето или незакажувањето не е „по ќеф“ на Вељаноски и дека не треба да ги меша расправите кои треба да бидат политички испит на работењето на владата со координациите на кои не доаѓаат поради, како што велат, негаторскиот и потценувачки однос на собранискиот претседател.

Неофицијално се дознава дека доколку овој месец Вељаноски не ја закаже првата надзорна расправа на тема злоупотреба на парите за субвенции, ќе му поднесат интерпелација.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG