Достапни линкови

Политичка дестабилизација на Романија


Трајан Басеску.

Трајан Басеску.

Романскиот парламент, откако му ги одзеде овластувањата на Уставниот суд, почнува постапка за уривање и на претседателот Басеску.

Владејачкото мнозинство во Романија ја отвори процедурата за суспендирање на претседателот Трајан Басеску. За денеска и утре, левичарската Либерално-социјална унија, свика итна седница на парламентот на која ќе се расправа за импичмент на централно-десничарскиот претседател.

Левичарската влада на премиерот Виктор Понта веќе издаде декрет со кој му се збранува на Уставниот суд да расправа и одлучува во врска со одлуки на парламентот, со што му овозможи на мнозинството во парламентот да ја отпочне постапката за импичмент на претседателот Басеску. Доколку предлогот помине во парламентот, што е веројатно, ќе следува референдум за смена на претседателот Басеску. Уставниот суд поднесе жалба до Венецијанската комисија, советодавно тело за уставни прашања на Советот на Европа.
Виктор Понта - премиер на Романија

Виктор Понта - премиер на Романија


И Европската унија и Соединетите Држави веќе изразија длабока загриженост во врска со загрозувањето на демократијата во Романија. Американскиот амбасадор во Романија, Марк Гитенштајн во Букурешт изјави:

„Од силата на институциите зависи и просперитетот и дали вашите деца ќе останат да живеат тука.“

Гитенштајн додаде дека од интерес на Вашингтон е стабилна Романија, меѓу другото и поради фактот дека на нејзина територија е предвидено инсталирање на делови од анти-ракетниот штит во Европа.

Опозиционите централно – десничарски пратеници изјавуваат дека станува збор за класичен пуч и оти се загрозени кревките демократски институции во земјата.

Претседателот Трајан Басеску предупреди дека крајната цел на владините активности за негово соборување е превземање и на судскиот систем откако поранешниот премиер Адриан Настасе во минатиот месец стана првиот политичар од висок ранг кој е осуден за корупција.

Романскиот новинар Роберт Турческу, во изјавата за Радио Слободна Европа, вели дека независноста на судството е најголема закана за корумпираните романски политичари.

„Најголем успех во изминатите неколку години постигна судството, кое стана независно, што е најважна работа за демократијата.“

Романски активисти за човекови права испратија отворено писмо до Европската комисија предупредувајќи дека владеењето на правото во нивната земја е нападнато од страна на левичарската влада на премиерот Виктор Понта.

Сепак, новинарот Турческу смета дека Романците треба сами да преземат акција, а не само да се жалат во странство. Потребна е реакција од невладиниот сектор, од граѓаните, вели Турческу.

Пред седиштето на романската влада во Букурешт веќе се одржуваат протести на кои се бара оставка од премиерот Виктор Понта.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG