Достапни линкови

ССНМ: Новинарите да имаат став, а не страв


Протест на новинари, 2011.
Протест на новинари, 2011.

Состојбата во медиумите е се полоша, виновни се и сопствениците, но и новинарите не си ги знаат своите права. Синдикатот на новинари повикува на здруженост во борбата за правата.

Една година по протестите на кои излегоа новинарите поради лошите услови во кои што работат, состојбата е уште полоша, констатира Синдикатот на новинарите. Состојбата во медиумскиот бизнис е катастрофална, а први на удар на медиумските сопственици се работните места. Секојдневно слушаме за нови откази, спогодбени отпуштања од работа, намалени или неисплатени плати.
Го плаќаме данокот на фактот што во многу случаи медиумскиот бизнис е секундарен бизнис на сопствениците од кој тие многу лесно се откажуваат ако престане да им носи екстра профит, кој е можен само со заобиколување на законите и правилата, со премолчена или директна дозвола на институциите. За жал го плаќаме и данокот на нашата неинформираност за правата кои ни следуваат според законите.
Тамара Чаусидис, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници.

„Го плаќаме данокот на фактот што во многу случаи медиумскиот бизнис е секундарен бизнис на сопствениците од кој тие многу лесно се откажуваат ако престане да им носи екстра профит, кој е можен само со заобиколување на законите и правилата, со премолчена или директна дозвола на институциите. За жал го плаќаме и данокот на нашата неинформираност за правата кои ни следуваат според законите“, изјави претседателката на Синдикатот на новинарите Тамара Чаусидис.

Сите ги жалиме и делиме правда за се она што се дефекти во општеството, а немаме храброст да се бориме за нашите права кои исто така ни следуваат како и на сите останати, рече Драган Антоновски од Синдикатот на новинарите. Тој повика до сите новинари и вработени во медиумите да се вклучат во битката употребувајќи го насловот под кој е објавена и брошурата на синдикатот „Став, а не страв“.

„Газдите само ја употребуваат оваа ситуација која ја имаме, заради незнаење, неумеење, заради немање став. Јас сум сигурен дека доколку сите почнеме заеднички да дејствуваме малку повеќе од тоа што е сега, сигурен сум дека ќе ја добиеме таа битка, меѓутоа за тоа е потребно вклученост од сите.“

Синдикатот порача дека новинарите треба да се информираат повеќе за своите права, дека непочитувањата на правата од работен однос меѓу кои се правото на одмор, правото на соодветен месечен надомест и на негова редовна исплата спаѓаат во човекови права и права загарантирани со Уставот, па затоа секој новинар треба да реагира за нивно прекршување и непочитување.

Синдикатот на новинарите во секој од евентуалните случаи на прекршување им стои на сите врабттени во медиумите на располагање за консултации во врска со добивање правна помош.
XS
SM
MD
LG