Достапни линкови

Македонија по грчки стапки кон задолжување


Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески и шефот на мисијата на ММФ Вес Мекгру.

Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески и шефот на мисијата на ММФ Вес Мекгру.

Владата се задолжува за околу 94 милиони евра на домашниот пазар. Каматните стапки на кредитите од странство се многу високи.

Владата ќе се задолжи кај домашните банки 94 милиони евра, преку аукции на дванаесетмесечни записи и на тригодишни државни обврзници. Во услови кога нивото на планираните јавни приходи не се остварува, на владата и останува како алтернатива задолжувањето на домашниот пазар, бидејќи на странските цената на капиталот и побарувањата растат, велат експертите.
Во услови на контракција на економската активност и изразена појава на првите симптоми на рецесија во државата, владата, за да ги исполни своите планирани буџетски расходи, ќе мора да се обрати на домашниот финансиски пазар.

Според професор Зоран Ивановски, јасно е дека многу подобра опција е растот на производството, трговијата и БДП во земјата со што би се зголемиле јавните приходи.

„Меѓутоа, во услови на контракција на економската активност и изразена појава на првите симптоми на рецесија во државата, владата, за да ги исполни своите планирани буџетски расходи, ќе мора да се обрати на домашниот финансиски пазар преку редовната аукција која ја применуваат на записите. Тоа, од друга страна, ќе значи би рекол помалку капитал за домашните компании“, вели Ивановски.

Поранешниот гувернер на Народната банка Љубе Трпески, пак, вели дека банките имаат доволен потенцијал за да даваат кредити и на стопанството и на граѓаните.
Нашите банки се главно депозитни банки и својот потенцијал го користат од депозитната база, така што ова што го прави Министерството за финансии преку пласирање државни обврзници е само еден минорен дел во поглед на пласирањето на средствата од банките.

„Нашите банки се главно депозитни банки и својот потенцијал го користат од депозитната база, така што ова што го прави Министерството за финансии преку пласирање државни обврзници е само еден да речам минорен дел во поглед на пласирањето на средствата од банките“, вели Трпески.

Ивановски вели дека државните каматните стапки тргнаа надолу и на таа основа ќе биде и задолжувањето на владата, бидејќи тоа ја охрабрува да го користи тој начин на финансирање, за разлика од условите за компаниите.

„Сè уште кај компаниите немаме таква стапка поради очигледната разлика во степенот на ризичноста на кредитобарателите. Тоа значи дека сè уште е далеку времето кога компаниите ќе може по такви каматни стапки да добиваат поволни финансиски средства“, вели Ивановски.

Според експертите, потребно е да се зголеми и куповната моќ на населението, бидејќи поголем дел не може да се задолжува кај банките.

Внатрешниот долг на владата во меѓувреме се повеќе се зголемува. Во мај тој изнесувал 669 милиони евра, што е за 120 милиони повеќе од април.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG