Достапни линкови

Азески - Бизнисмените не се плашат од лустрацијата


Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Немам ни еден разговор со стопанственик во последниве месеци за прашањето на лустрацијата. Едноставно тоа не се врти во нашите кругови и гледам дека на тој начин е практично маргинализирано од наша страна. А, што ќе биде и како ќе биде, ние сме подготвени на сè, бидејќи во оваа држава сè е можно, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Азески, неодамна почнавте со интензивна обиколка на домашните фирми. Што е она што го затекнавте на терен, каква е состојбата со стопанството?

Па, ако одиш во добрите фирми ќе е добра, ако одиш во лошите ќе е лоша. Јас одам секаде каде што има наши членки, на база на нашите сознанија дека почнува да се прелева финансиската криза од Европа и кај нас и да видиме каква е состојбата, бидејќи нашите компании се првиот индикатор за нешто што би можело да се случи за три до шест месеци, значи тие први чувствуваат ако дојде до паѓање на нарачките, тие први чувствуваат ако дојде до некои сигнали коишто ги добиваат во својата бизнис комуникација, дали може да очекуваме добри, лоши времиња итн., и тоа го прават многу побрзо од официјалните институции, Заводот за статистика, Народната банка, кои што ги објавуваат со задоцнување.

И кои се прогнозите, што велат фирмите?

Она што е заедничко за сите нив во моментов е дека имаат проблем со ликвидноста и тоа е општ впечаток насекаде. Во сите гранки видовме дека, посебно извозните компании, имаат во наредните неколку месеци веќе склучени договори од лани или од почетокот на оваа година, така што се обезбедени со работа, сега баш е шпицот на исполнување на договорените обврски. Трето, да речам заедничко запазување што може да биде, е дека веројатно најсложени ќе бидат односите во металургијата, во тој сектор затоа што таму имаме и најголемо намалување на нарачките од 15 до 20 отсто, а се очекува до крајот на годинава тоа да биде и до 50 отсто. Така што тоа е јасен индикатор во кој правец треба да се насочиме, каде треба да очекуваме проблеми и каде треба да имаме подготвени мерки кои ќе ја олеснат таквата позиција.

Неодамна изјавивте дека е дојдено времето сега владата да му помогне на стопанството, затоа што стопанството досега многу пати се нашло во клучните ситуации да и помогне на државата. Како помага државата сега?

Стопанството, такво какво што е, издржа огромни проблематични удари, осамостојување на нашата држава во 1991 година, ембарго од Грција во 1992 година, санкции кон Србија во 1993-1995 година, па внатрешниот конфликт кај нас во 2001 година, кризата во 2008 година итн. Како и да е, структурата на стопанството кај нас се задржа. Тоа е и со помош на државата, ние не велиме не, но во најголем дел за надминување на таквите состојбите стопанството го подметна грбот, така што ние мислиме дека во овој момент каде што е потребно државата да интервенира да се сочува ‘рбетот на македонската економија и најголемиот дел од вработените за по излегувањето на кризата во еврозоната да може да се размислува за оние наши залагања на коишто ние остануваме дека конечно е дојдено времето Македонија да оствари некаков развој меѓу 5 и 7 отсто што ќе се почувствува и кај компаниите и кај луѓето, бидејќи ние тоа 20 години не успеавме да го направиме. Да одговорам директно на вашето прашање како помага државата. Јас мора да кажам дека дијалогот е на високо ниво, ние се слушаме, се респектираат нашите ставови, но државата си има свои приоритети коишто се диктирани и од граѓаните, се диктирани и од нејзините меѓународни позиции итн. Ние имаме разбирање за тоа, но сакаме во овој момент економијата да добие приоритетно значење во сите тие работи.

Владата пред некое време донесе некои мерки. Како ги коментирате тие мерки, колку му се од помош на стопанството?

Па често луѓето ме прашуваат како, зошто ги поддржувате итн. Ние не може да одбиеме мерки коишто се во наш интерес. Две од тие мерки се директно во наш интерес и се на барање на сите стопански комори. Се однесува на кредитот од Европската инвестициона банка, а втората мерка која беше за докапитализација на Македонската банка за поддршка на развој за нас е прифатлива од две причини, прво се докапитализира, почнува реформа на една значајна институција што е од интерес на компаниите и второ што се интервенира, таа докапитализација се прави во една многу сериозна извозна гранка на Македонија, а тоа е преработувачката индустрија.

Што е она што вие дополнително го предлагате, што треба да се направи според вашите проценки?

Ние мислиме дека ако дојде до понатамошно влошување на состојбите две работи ќе треба глобално да се преземат. Тоа е да се подобри ликвидноста со определени активности, за тоа се веќе преземени мерки, знаете дека од 1 септември ќе стартува задолжницата, но ние бараме да се разгледаат и други механизми на компензација и пребивање на долговите меѓу јавниот и приватниот сектор. Исто така сакаме да се спроведе и директивата на ЕУ од јуни 2000 година во којашто се повикува на максимална коректност во затворањето на финансиските трансакции за коишто се предвидуваат сериозни санкции, значи тука би се подобрила ликвидноста меѓу самите компании. И втората група прашања е да се донесат во фокусот домашните компании и индустријата, тоа значи дека, почитувајќи ги нашите меѓународни обврски кон Светската трговска организација итн., прокламираме мерки и политики за заштита на домашното производство, затоа што претпоставуваме дека сите земји, во услови на економска криза, тоа ќе го направат за сопственото производство. И третата работа, ако дојде пак до натамошно влошување во металургијата и посебно во втората половина од годината може да се појави кај текстилната индустрија, кои што се носечки столбови на нашата економија во поглед на извозот и во поглед на вработеноста на луѓето, мислиме дека ќе биде потребна и вертикална интервенција, но за тоа би разговарале тогаш кога ќе дојде време.

Имате ли некакви проценки колку владата им должи на фирмите по основ на поврат на ДДВ?

Според она што ние го знаеме поединечно од компаниите, има периоди во коишто тој проблем се интензивира и има период во којшто се затвора. Сега се наоѓаме во некој среден период во којшто тој проблем не е изразен. Државата прави обиди да тоа го санира, но ние сме спремни, доколку дојде повторно до некакво ескалирање, спремни сме на разговор на таа тема, имаме разговарано и нудиме одредени решенија коишто нормално треба да се прифатливи за државата. Ако дојде до некакво натамошно повторно пикување на проблемот, дека сериозно ќе се разгледа тоа.

Во финансиските извештаи на неколку градежни фирми имаше податоци дека државата им должи и по основ на јавни набавки.

Па после демантираа, па се работи за поврат на ДДВ, па се работи за Законот за јавни набавки од минатата година којшто и даде можност на државата да го пролонгира плаќањето за долго време, па тука е Управата за јавни приходи која тврди дека во определени компании има контроли и затоа се одолговлекува тоа итн. Тука има многу и многу причини за секој да си ја кажува својата вистина. Она што ние како анкета можеме да го собереме од компаниите е дека во моментов постои проблем, но не е изразен во таков степен како што беше на почетокот на годината.

Дали може да се смета дека кризата во Македонија е производ само на европската и светската економска криза или тука има влијание и економската политика на владата?

Ние постојано зборуваме дека сигурно има влијание надворешната криза. Ако 60 отсто од извозот на Македонија оди во земјите од ЕУ, коишто горе-долу сите се влезени во рецесија, тоа мора да има влијание. Меѓутоа исто така ние долго време зборуваме дека 20 години во Македонија се води економска политика којашто е на штета на стопанството и тоа мора да излезе на површина и веројатно сега исто има состојба којашто има влијание на актуелната ситуација во моментов. Што е тоа? Долго време, 20 години имаме слаби инвестиции во инфраструктурата, долго време имаме буџет којшто е повеќе социјален, а помалку развоен, тоа е една константа во целиов период, долго време имаме ситуација во која што се толерира сивата економија којашто директно влијае на останатото стопанство, на развојот на малите и средни бизниси итн. Сите тие да речам недоследности во градењето на една економска политика којашто ќе резултираше со забрзан развој во континуитет од 5 до 7 отсто, а којшто не се оствари освен во 2007 и 2008 година, доволно зборува дека сите тие напластени проблеми сега во услови на криза избиваат на површина. Така што, јас сум на мислење дека има и едното и другото влијание, и сами сме во изминативе 20 години виновни за определени стагнации и стагнантни појави, а и влијанието на светската криза си го прави своето.

Може ли некако да се спречи рецесијата? Ако ги гледаме статистичките податоци, во првиот квартал БДП-то бележи пад од 1,4 отсто, прогнозите ни за вториот квартал не се многу светли.

Ако работите во еврозоната се одвиваат вака како што се одвиваат и ако тие очекувања се остварат, а немам причина да верувам дека нема да се остварат, тоа значи дека е прашање само дали Германија ќе биде во рецесија, другите земји влегуваат, тогаш јасно е дека ние не можеме да ја избегнеме таа ситуација, посебно што во носечката гранка, ’рбетот на македонската економија се навестуваат лоши моменти, тоа е кај металургијата.

Неодамна имаше предлог од опозицијата да се промени Уставот за да не застарува криминалот направен за време на приватизацијата. Како го коментирате тоа?

Јас обично не коментирам прашања што не се од економска природа, затоа што неблагодарно е на Балканот, секаде, не само во нашата држава, да зборуваш за политика кога сè и сешто е измешано во таа работа. Ова прашање го сметам како прашање со некаква политичка позадина веројатно. Инаку јас сум поборник на тезата дека тој што направил криминал треба да одговара и не треба никогаш да се извлече со некаква застареност итн. Дали ние имаме капацитет тоа да го направиме? Веројатно, според сите оценки на меѓународните институции, Македонија нема тоа да го направи и сигурно ова прашање и понатаму ќе се политизира, иако мислам дека е јасно дека на крајот од тоа нема да излезе ништо, затоа што во услови на крајна политизација на еден значаен сектор како што е правосудството, тогаш тоа е тешко да се очекува. Ова се практично оценки на ЕУ, на меѓународните институции итн. Мислам дека најдобро за бизнисот ќе биде да си го гледа само остварувањето на профитот и јас се држам до таа теза и коментирам само за тие работи.

Се наметнува и лустрацијата на т.н. транзициски олигарси. Оправдан ли е стравот кај одредени бизнисмени дека политиката им се меша во бизнисот и се пресметува на некој начин со нив?

Би било многу наивно да кажам дека на Балканот, воопшто за Балканот зборувам, не само за Македонија, значи на Балканот да има некој наивен бизнисмен кој ќе мисли дека политиката не се меша. Тој е подготвен за тоа и секој наш бизнисмен има одбранбени мерки за таа работа, така што јас и кога реков на почетокот дека државата е должна да врати на стопанствениците, во сите маки коишто ги набројував претходно во какви услови се работело, и таа политизација којашто е присутна е додатна мака, но тоа веројатно родило чувство на издржливост кај македонските бизнисмени и тие се спремни веројатно да дадат одговор и во овие прилики. Јас морам да ви кажам дека немам ни еден телефонски повик, немам ни еден разговор со стопанственик во овие последни 5-6 месеци, којшто го поставил прашањето на лустрацијата. Едноставно тоа не се врти во нашите кругови и гледам дека на тој начин е практично маргинализирано од наша страна. А, што ќе биде и како ќе биде, ние сме подготвени на сè, бидејќи во оваа држава сè е можно.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG