Достапни линкови

Нов бран – нови глупости!


Дарко Давитковски, Претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.
Дарко Давитковски, Претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.

Очигледно постои сериозен проблем во образованието во Македонија каде што студент со просек од 9,4 или 10,00 смета дека фактот што сме биле најниско задолжена земја во Европа ѝ дава за право на Владата да нѐ задолжува нас граѓаните за да можат потоа со тие пари да прават споменици на Тодор Александров и да поставуваат златни коњи, пишува претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија Дарко Давитковски во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ако нешто може да им се признае на ВМРО-ДПМНЕ во последниве шест години, тоа е дека се махери за правење реклами од сè и сешто. Верувале или не, тие знаат да направат реклама и за она што е потребно, а знаат да изрекламираат и некои тотално непотребни работи. Сè додека поединци од таквото рекламирање заработуваат пари, тоа за нив е сосема во ред.
Досега не поминала ниту една редовна обврска на Владата како дел од нејзиното секојдневно функционирање, без притоа истата да биде максимално изрекламирана и претворена во спектакл. И не само што трошат огромни пари на реклами од типот на „Отвори го срцето“, „И ти си Македонија“, „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, да ги тргнеме на страна валканите реклами потрошени за сатанизирање на опозицијата, господата решија да потрошат „некој денар“ и да го изрекламираат т.н. „нов бран на ВМРО-ДПМНЕ“.

Досега не поминала ниту една редовна обврска на Владата како дел од нејзиното секојдневно функционирање, без притоа истата да биде максимално изрекламирана и претворена во спектакл. И не само што трошат огромни пари на реклами од типот на „Отвори го срцето“, „И ти си Македонија“, „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, да ги тргнеме на страна валканите реклами потрошени за сатанизирање на опозицијата, господата решија да потрошат „некој денар“ и да го изрекламираат т.н. „нов бран на ВМРО-ДПМНЕ“.

По што оваа последнава кампања е специфична? Тоа што досега беше најавувано помпезно како следниот голем „еволутивен период на ВМРО“ пропадна во вода. Од големиот „следен чекор“ остана само тапкање во место со веќе видениот масовен адвертајзинг, а дополнително само се зголеми желбата на гладниот граѓанин да добие барем нешто од оваа власт која што толку многу зема од граѓаните.

Ако некој активист на ДПМНЕ на почетокот се понадева дека ќе биде следниот директор, управител или раководител, гадно се излажа. Зарем некој очекуваше дека по сменувањето од раководните места некои луѓе ќе останат без функции, па ќе се ослободи простор за нови луѓе? Не, сменетите беа само унапредени, сега добивајќи некое амбасадорско или друго подобро загарантирано место во и онака натрупаната администрација.

Во целата оваа бајка најмногу излажани останаа граѓаните кои се понадеваа дека ослободените места ќе бидат дадени на нови лица бирани според квалитетот на знаењето и искуството, а не според вмровската партиска книшка и блискоста со поединци од истата партија. Да бидеме коректни, има и по некое ново лице, ама за жал тоа се ликови кои што во минатиот период одиграа клучни улоги задоволувајќи ги потребите на ВМРО-ДПМНЕ, толкувајќи ја улогата на пиончиња во политиката. Така наводните најголеми плукачи по политичарите од власта и опозицијата излезе дека се плукачи по опозицијата, бидејќи изгледа добро пливаат во вода, па така успеаа да го фатат новиот бран и да станат директори на видни позиции.

Деновиве гледаме дека почнаа да ги емитуваат и спотовите каде што млади луѓе со факултетски дипломи, магистри и други почнаа да излегуваат и да ја фалат владата раскажувајќи ни како успешно го фатиле новиот бран. Очигледно постои сериозен проблем во образованието во Македонија каде што студент со просек од 9,4 или 10,00 смета дека фактот што сме биле најниско задолжена земја во Европа ѝ дава за право на Владата да нѐ задолжува нас граѓаните за да можат потоа со тие пари да прават споменици на Тодор Александров и да поставуваат златни коњи.

Ова е само уште една потврда дека отворањето на факултет во секое населено место без контрола на квалитетот на наставниот кадар и условите за студирање, ќе произведе високо образовани кадри кои имаат изгубено секаков контакт со здраворазумската логика, а стекнувањето на нови знаења и вештини на истите ќе стане научна фантастика.

А, што ако си го поставиме следното прашање: дали некому со просек од 10.00 животната желба попрво би му била да стане чиновник од „новиот бран“ на ДПМНЕ или можеби понормално е студент со толкав просек да сака да се вработи во голема компанија каде ќе му се отвори можност да промени нешто во светот? И на крај ќе прочиташ дека денес во Македонија имало валоризација на трудот или конечно некој почнал да го цени трудот во оваа држава. За кој труд зборуваме? За трудот на армијата невработени студенти, сите со висок просек заради сериозните недостатоци во високото образование или можеби за валоризацијата на трудот за партиската активност во ДПМНЕ и блискоста со нивните највисоки функционери? Е во тој случај, тоа не се вика „валоризирање на трудот“ туку „фаворизирање на партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ“.

Колку за информација, и владата на СДСМ додели вработувања на 100-те најдобри студенти од универзитетите во Македонија, ама никој не направи медиумска помпа од истото. И изборот беше направен од универзитетите по просек, а не од министерството со партиска селективност како што тоа се прави сега. И да ги просветлам интелектуалците со висок просек однесени од „новиот бран“, просекот на оцената не се пресметува во проценти како што го прават по колумните на веб страните!
XS
SM
MD
LG