Достапни линкови

Индустриското производство на удолница


Индустриското производство паѓа девет месеци по ред. Експертите препорачуваат барање нови пазари и намалување на трошоците за производство.

Барање нови пазари што не се погодени од кризата и намалување на трошоците за производство. Во овие две насоки упатените со кои разговаравме гледаат спас за македонската индустрија, која се најде на удар на кризата во евро-зоната. Сепак, тие нагласуваат дека ударот не може да се избегне, туку само да се ублажи.
Ако нашиот бизнис 60 или 70 отсто е поврзан со Европа, тие движења што се во Европа не може да ги исклучиш. Ти може и треба да направиш одредени активности за на некој начин тоа да се амортизира, ама да се елиминира никако не може.

Индустриското производство паѓа девет месеци по ред. Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во мај годинава било за 5,4 отсто помало во споредба со истиот месец минатата година. Индустријата во првите пет месеци годинава бележи пад од 7,5 отсто во споредба со првите пет месеци во 2011 година.

Директорот на најголемиот македонски извозник Макстил, Александар Панов, вели дека македонската економија е многу зависна од европската, така што кризата е речиси невозможно да се избегне.
Основно за надминување на ваквата состојба е посилно, поквалитетно пробивање на азиските пазари и тоа земјите кои и во вакви услови сепак бележат стапки на раст и тоа не само би рекол Индија, Кина кои се и најголеми, туку и помалите земји како што се Камбоџа, Тајланд итн., кои во овој момент бележат највисоки стапки и се најбрзорастечки економии.

„Ако нашиот бизнис 60 или 70 отсто е поврзан со Европа, тие движења што се во Европа не може да ги исклучиш. Ти може и треба да направиш одредени активности за на некој начин тоа да се амортизира, ама да се елиминира никако не може. Внатре во Македонија, во компаниите да се преземат тие препознатливи активности околу ефикасноста на работење, штедењето, зголемување на енергетската ефикасност, сето тоа да го правиш, ама тие само ќе ти помогнат, ама нема да го решат проблемот“, вели Панов.

Професор Зоран Ивановски вели дека е забележан пад во оние сектори кои генерално се извозно ориентирани, што значи дека кризата во евро-зоната се одразила и на македонската индустрија. Излезот од оваа ситуација, тој ја гледа во пробивањето нови пазари во земји што не се зафатени од кризата.

„Основно за надминување на ваквата состојба е посилно, поквалитетно пробивање на азиските пазари и тоа земјите кои и во вакви услови сепак бележат стапки на раст и тоа не само би рекол Индија, Кина кои се и најголеми, туку и помалите земји како што се Камбоџа, Тајланд итн., кои во овој момент бележат највисоки стапки и се најбрзорастечки економии. Тука, според мене, е шансата за обезбедување пазар за нашите компании, а тоа би предизвикало зголемена побарувачка, а со тоа и раст на нивното производство“, вели Ивановски.

Панов, пак, вели дека пробивањето нови пазари воопшто не е лесна работа и бара знаење, пари, но и време.

„Треба време, период да се прилагодиш на тоа, да се промениш. Е сега, дали некој задоцнил или не задоцнил тоа да се направи, тоа треба да се дискутира“, вели Панов.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG