Достапни линкови

Мистериозни коњаници го „однесоа“ буџетот


Во мај годинава во буџетот се собрани 9 милиони евра помалку во споредба со истиот месец минатата година. Владата се задолжува, споменици се градат.

Државната каса продолжува тешко да се полни. Според податоците објавени на интернет страницата на Министерството за финансии, во мај годинава во буџетот се собрани 168,5 милиони евра што е за над 9 милиони евра помалку во споредба со истиот месец минатата година. Расходите, пак, биле за 17 милиони евра поголеми од собраните пари.
Да се паузира малце со тие споменици, па во поубави времиња да ги продолжат.
Анкетиран граѓанин.

Во Министерството за финансии прашавме колку помалку пари се собрани во буџетот во мај во однос на планираното и дали Министерството е задоволно од динамиката со која се полни буџетот, но досега не добивме одговор.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, при објавувањето на ребалансот на буџетот изјави дека приходите во првиот квартал биле за 9 проценти пониски од планираниот износ, но Министерството за финансии веќе не го презентира тој податок, па не се наведува колку се помали приходите од планираното за април и за мај. Опозицијата и дел од експертската јавност тврдеа дека треба да се направи поголемо кратење на буџетот и предупредуваа дека ќе биде потребен уште еден ребаланс до крајот на годинава.

Речиси истовремено со објавувањето на овие податоци, вчера во главниот град се поставија три нови споменици – на Димитар Поп Георгиев-Беровски на Плоштадот Македонија, на Основачите на ВМРО во Паркот жена-борец и на Македонски војвода на коњ кај Стара рампа во Кисела вода, за кој опозицијата обвини дека е споменик на Тодор Александров. Овие три споменици заедно чинат повеќе од 1,5 милиони евра. Во главниот град наскоро треба да се постави и споменик на Христо Узунов.

Граѓаните со поделени ставови за тоа дали треба да се трошат пари на споменици во време на криза.
Споменици во време на криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:47 0:00
„Да се паузира малце со тие споменици, па во поубави времиња да ги продолжат.“

„И така парите ги трошат, бар да има за нешто што треба да се направи. До негде треба, ама малку треба да се води сметка, можеби е претерано малку, ама сепак ќе останат за спомен.“

„Не треба, државата нема пари, сите пари ги трошат за тоа, а за друго нема, да дадат на народот, на сиромасите“, велат граѓаните што ги анкетиравме.
Парите значи наместо да одат во Скопје 2014, да се инвестираат во продуктивни проекти каде ќе се создава нова вредност како што се модерните автопатишта, железници и друга инфраструктура, изградба на енергетски капацитети, а не да инвестираме во споменици и да имаме големи споменици и мали фирми.
Изет Зеќири, пратеник од НДП.

На вчерашната седница за финансирање и буџет на која се расправаше за новиот кредит од 75 милиони евра од Дојче банк, опозицијата обвини дека владата продолжува да се задолжува, за како што рекоа, уште златни коњи и уште врби и побараа намалување на непродуктивните трошоци. Пратеникот Изет Зеќири од НДП побара намалување на непродуктивните трошоци.

„Парите значи наместо да одат во Скопје 2014, да се инвестираат во продуктивни проекти каде ќе се создава нова вредност како што се модерните автопатишта, железници и друга инфраструктура, изградба на енергетски капацитети, а не да инвестираме во споменици и да имаме големи споменици и мали фирми“, рече Зеќири.

Според владејачкото мнозинство, пак, Македонија е ниско задолжена земја со трет најнизок буџетски дефицит во Европа. Пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека задолжувањето меѓу другото е и за враќање на стари кредити и за да не се зголемат даноците.

„Оваа Влада и натаму опстојува на политиката на ниски даноци и ниско до умерено задолжување со стабилен кредитен рејтинг потврден од меѓународните финансиски институции. И во наредниот период ќе продолжи со ваквата политика, значи без намалување на субвенциите, пензиите и социјалните трансфери и без покачување на даноците“, рече Цуклев.

Буџетскиот дефицит во првите пет месеци од годинава изнесува 88 милиони евра.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG