Достапни линкови

Поврзување на Балканот низ оро и песна


Меѓународниот фолклорен студентски фестивал во 2011 година.
Меѓународниот фолклорен студентски фестивал во 2011 година.

Од 21 до 25 јуни, во неколку градови во Република Македонија, ќе се одржи 33 издание на Меѓународниот фолклорен студентски фестивал.

Танцовата формација при „Капански ансамбл“ од Разград, Бугарија, Фолклорниот ансамбл „Оро“ од Ниш, Србија, КУД „Бикавац“ - Вишеград, Босна и Херцеговина, Културниот центар „Јенимахале“ од Анталија, Турција и „Узбекистон Новолари“ од Ташкент, Узбекистан се учесниците на годинешниот 33-ти Меѓународен фолклорен студентски фестивал, што од 21 до 25 јуни, ќе се одржи во Скопје и во неколку други градови во земјава.
Ние значи сме први кои сакаме да пружиме рака на сите оние земји кои некогаш, скоро до 90-та година, по 3-4 пати во текот на годината сме се среќавале и тој живот сакаме да го вратиме повторно.
Благоја Јовановски, АКУД „Мирче Ацев“.

Меѓународниот фолклорен студентски фестивал во Скопје во 2011 година.
Меѓународниот фолклорен студентски фестивал во Скопје во 2011 година.
Станува збор за случување што во 1967 година започна на иницијатива на студентите на Скопје кои тогаш со „Фестивалот на солидарноста“ сакале да ја изразат својата благодарност до земјите кои ја помогнаа обновата на градот по катастрофалниот земјотрес. Манифестацијата првично се одржуваше биенално( на секои две години), за да потем, откако со организацијата се зафатија од АКУД „Мирче Ацев“, прерасне во голем и значаен интернационален фестивал чија цел е не само да го стимулира творештвото на младите, туку и силно да влијае врз културната размена на Република Македонија со државите од светот.

Сметаме дека хорското музицирање полека замира во Македонија. Многу малку се финансираат хоровите, значи со самото нефинансирање се доведуваме во ситуација да не можеме да ги одржиме хоровите на едно висококвалитетно ниво како што и биле некогаш, а со измумирањето на хооровите ќе изумре и нашето хорско музицирање.
Благоја Јовановски, АКУД „Мирче Ацев“.
Годинава, акцентот е ставен токму врз возобновувањето на културните врски меѓу народите од регионов, па затоа нималку не чуди што Благоја Јовановски, првиот човек на АКУД „Мирче Ацев“, вели дека тие се решиле „први да им подадат рака на соседите и наново да ги изѕидаат мостовите за идна, плодна соработка“.

„Ние значи сме први кои сакаме да пружиме рака на сите оние земји кои некогаш, скоро до 90-та година, по 3-4 пати во текот на годината сме се среќавале и тој живот сакаме да го вратиме повторно“, вели Јовановски.

Во Скопје, учесниците на Фестивалот ќе настапат на три сцени – во општина Карпош, на платото под Камениот мост и во рамките на летната манифестација „Три круши“ во Кисела Вода, потем ќе одржат концерти во Тетово, Охрид и во Неготино, а планирани се и семинар и работилници на кои ќе се дискутира за негувањето на фолклорното наследство кај балканските народи. Со ова, организаторите наново ќе ја оправдаат оценката дека Меѓународниот фолклорен студентски фестивал со години наназад заслужено е меѓу петте најдобри во Европа и значајна членка на Светската организација на фолклорни фестивали.

Од друга страна, АКУД „Мирче Ацев“, во недела на 24 јуни, како организатор, ќе го потпише и заедничкиот концерт на својот хорски ансамбл под диригентство на Илија Атанасов и Хорот при Универзитетот од Мармара, Турција, со кој ќе раководи Булент Харваши. Овој перформанс е планирано да се одржи на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан и е дел од актуелниот Втор интернационален хорски фестивал.

„Сметаме дека хорското музицирање полека замира во Македонија. Многу малку се финансираат хоровите, значи со самото нефинансирање се доведуваме во ситуација да не можеме да ги одржиме хоровите на едно висококвалитетно ниво како што и биле некогаш, а со измумирањето на хооровите ќе изумре и нашето хорско музицирање“, истакнува Јовановски.

Тој дополнува дека оваа манифестација се одвива по принцип на реципроцитет што подразбира дека нашите хористи наскоро ќе се претстават на Музичката академија „Кемал Ататурк“ во познатото турско летно одморалиште. Инаку, по неодамнешните настапи во Бугарија, Турција и во Босна и Херцеговина, пред аматерите од „Мирче Ацев“, се и закажаните концерти во Словачка, соседна Србија и во Полска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG