Достапни линкови

logo-print

Почна гласањето на изборите во Грција


Во Грција утрово во седум часот по локално време почна гласањето на најважните избори за земјата во последните неколку декади. Околу девет милиони и 850 илјади Грци со право на глас треба да го изберат следниот четиригодишен состав на 300-члениот парламент. Граѓаните овој пат ќе избираат меѓу 21 партија и коалиции и 58 независни кандидати, што значи вкупно 4.873 кандидати. На изборите на 6 мај излегоа 31 партија и коалиции и 52 независни кандидати, односно вкупно 6.500 кандидати. Според анкетите, само 10 партии ќе го поминат прагот од три проценти за влез во парламентот. Според изборниот закон, партијата која ќе освои најмногу гласови, автоматски добива дополнителни 50 места во парламентот што го олеснува патот до постигнување на целта од 151 место кои се потребни за формирање влада. Се очекува најмногу гласови да добијат конзервативната Нова демократија, Коалицијата на радикалната левица – Сириза и ПАСОК. Сепак, и овој пат не се очекува ниту една партија да освои апсолутно мнозинство. Во тој случај, претседателот на државата и дава на најголемата група три дена да формира влада. Ако тоа не се случи таа шанса ја добива второпласираната партија. По изборите што се одржаа на 6 мај, ниту една партија не успеа да формира влада поради огромните разлики во врска со владините мерки за штедење кои се предуслов за следната транша пакет финансиска помош од ЕУ и ММФ.
XS
SM
MD
LG