Достапни линкови

Препукувања за машините со кои се крпат битолските улици


Оштетена улица во Битола.
Оштетена улица во Битола.

Битолската опозиција обвинува дека власта купува машини на кредит за да се пофали, а други да ги враќаат парите.

Поличките препукувања меѓу локалната власт и опозицијата во Битола излегоа на улична арена. Последната кавга настана за машините со кои се крпат градските улици.
Шест месеци пред избори сакаат да се задолжат со половина милион евра, но првата рата за плаќање да биде после една година, односно парите да ги враќа новата власт. Пораката која ја испраќа ВМРО-ДПМНЕ е следна - ќе купиме возила, ќе се пофалиме со нив, ќе викнеме камери, но некој друг ќе ги враќа долговите. Вкупната вредност на каматата што ќе треба да се плати ќе биде околу 150.000 евра.
Валентин Груевски, ЛДП.

ЛДП обвинува дека општинското претпријатие Нискоградба, и покрај загубите, ќе земе кредит од половина милион евра за набавка на машини половина година пред локалните избори. Од претпријатието одговараат дека улиците ги крпат со машини стари по 30 до 40 години, па набавката на нови ќе значи заштеда.

„Шест месеци пред избори сакаат да се задолжат со половина милион евра, но првата рата за плаќање да биде после една година, односно парите да ги враќа новата власт. Пораката која ја испраќа ВМРО-ДПМНЕ е следна - ќе купиме возила, ќе се пофалиме со нив, ќе викнеме камери, но некој друг ќе ги враќа долговите. Вкупната вредност на каматата што ќе треба да се плати ќе биде околу 150.000 евра. Зошто машините не се набавуваат една по една и со тоа да се избегне плаќањето на огромните камати. Како претпријатие кое е две години во загуба ќе плаќа месечна рата од 10 илјади евра?“, изјави Валентин Груевски од ЛДП.

Директорот на Нискоградба, Кире Крстевски вели дека поради стариот возен парк и заголемениот обем на работа размислуваат да набават нови машини. Но, засега прават само aнализи на пазарот, а конечна одлука ќе треба да донесе Советот на општина Битола.

„Имаме машини кои се постари од 30 години. Имаме камиони од 76 година, греверот од 80 година, валјакот од 81 година. Трошоците за одржување се големи, како и потрошувачката на гориво. Нов камион од 2008 година троши 40 литри, а старите камиони по 80 литри, двојно повеќе. Треба да размислуваме за нови машини, го испитуваме пазарот и доколку добиеме позитивна одлука дека можеме да ги набавиме, ќе купиме машини со кои ќе имаме голема заштеда“, вели Крстевски.

Нискогрaдба во Битола има полни раце работа зашто голем дел од улиците се стари по неколку децении и крпењето на дупките не помага, туку потребно е целосно преасфалтирање.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG