Достапни линкови

Западот не планира воена интервенција во Сирија


Меѓународниот Црвен Крст соопшти дека во некои делови на Сирија се интензивираат борбите. Официјален Вашингтон е загрижен од пратката руски хеликоптери за Сирија, а според шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг, Сирија наликува на Босна пред дваесет години.

Меѓународниот Црвен Крст прецизира дека стотици луѓе ги напуштаат нивните домови во градот Хомс, главното упориште на опозицијата, поради се поинтензивните бомбардирања на владините сили.

Во меѓувреме, посматрачи на Обединетите нации биле пречекани од разлутени групи во градот Ал Хафа по што морале да заминат. Веднаш потоа три возила на мисијата биле запалени.
Загрижени сме од последната информација дека од Русија на пат за Сирија се борбени хеликоптери со што конфликтот во таа земја значително ќе ескалира.
Хилари Клинтон, државен секретар на САД.
Владините сили веќе неколку денови го бомбардираат овој град кој е во непосредна близина на Кардаха, местото од каде што потекнува семејството на претседателот Башар ал Асад.

Претходно, шефот на мировниците на Обединетите нации Херве Ладус оцени дека Сирија се наоѓа во граѓанска војна и оти режимските сили се обидуваат да ги заземат областите кои ги загубија во битките со бунтовниците против Башар ал Асад.

Во најновиот извештај на Светската организација се прецизира дека децата се најголеми жртви на конфликтот и оти во некои случаи биле користени како живи штитови.

„Обединетите нации исто така добија некои веродостојни тврдењата за употреба на деца од страна на вооружената опозиција. Мора на командантите да им се каже дека постои политика против ваков вид регрутација“, изјави Радика Кумарасвами, претставник на Обединетите нации.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека Вашингтон бил загрижен од можната испорака на руски борбени хеликоптери за Сирија.

„Загрижени сме од последната информација дека од Русија на пат за Сирија се борбени хеликоптери со што конфликтот во таа земја значително ќе ескалира“.

Клинтон го отфрли руското објаснување дека оваа испорака на Сирија не била поврзана со тамошниот конфликт.

„Од време на време тие ни велат дека не треба да бидеме загрижени и оти испораките на оружје не се поврзани со внатрешната ситуација во Сирија. Тоа очигледно не е вистина“, изјави Клинтон, додека нејзиниот британски колега Вилијам Хејг сегашната ситуација во Сирија ја спореди со онаа на Балканот пред дваесет години.

„Ова потсетува на Босна во почетокот на деведесетите години. Не мислам дека би требало да размислуваме како за ситуацијата во Либија лани. Сите наши напори се во поддршка на мирната транзиција во Сирија, бидејќи секое воено решение ќе донесе многу повеќе жртви“, рече Хејг.

Дека западните сили немаат планови за странска воена интервенција во Сирија потврди и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен кој оцени дека тоа не би бил добар пат за решавање на кризата во таа земја.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG