Достапни линкови

Насер Кељеменди - Балкански криминалец бр.1?


Насер Кељеменди

Насер Кељеменди

За САД, најопасна личност од Европа е Насер Кељеменди, по потекло од Косово, но со државјанство на БиХ и со дејствување на цел Балкан.

На американската црна листа, оценет како еден од најопасните во Европа за Соединетите Држави, е Насер Кељеменди, по потекло од Косово со пасош на Босна и Херцеговина. Неговите криминални активности се протегаат низ целиот Балкан, па и во Македонија. Како е можно досега ниедна истрага на Балканот против Насер Кељеменди да не даде резултат?

Администрацијата на Барак Обама, не само што го смета за најопасна личност во Европа за американските интереси, туку и американската Централна банка, преку Интерпол, побара да биде замрзнат неговиот имот во Црна Гора. Кој е Насер Кељеменди? Поседува државјанство на Босна и Херцеговина, но самиот вели дека за втора татковина ја смета Црна Гора, но неговите сомнителни бизниси водат и кон Србија, Македонија, на Косово, Хрватска и Словенија. Црно-горскиот новинар Туфик Софтиќ објаснува:

Малку е познато дека главната врска на Кељеменди за Македонија, за дрога и оружје, беше извесен Мори Маљоку, познат како Љоки, кој во 90-тите години беше главна врска за шверц на цигари во Македонија, на Косово и во Црна Гора. Тој моментално се наоѓа во затвор во Скопје, но Кељменди веднаш му најде замена, така што сега Кељеменди во Македонија дејствува преку кланот Суља. Кога некој од луѓето на Кељеменди ќе падне, веднаш има замена, а истрагата никогаш не стигнува до него.

Според Софтиќ, во бизнисот на Кељеменди се вклучени околу 5 до 8 илјади луѓе, а негови најблиски соработници се 50-тина лица. Кељеменди често се вклучува и во политички случувања, па така во 2006-та година финансиски го подржа референдумот за независност на Црна Гора, а помагал и некои политички партии. Новинарот Мустафа Цанка, автор на многу текстови за активностите на Кељеменди во Улциљ, каде што има и Хотел, наведува:

Тој тука има една од своите бази и мислам дека тоа највеќе ги интересира Соединетите Држави, неговата поврзаност со политичките структури, а пред се, станува збор за политичарите на државно ниво.

Во Босна и Херцеговина и Кељеменди и неговите три сина често се поврзувани и со убиства и насилничко однесување. Во презентацијата под наслов Злосторничка организација Насер Кељеменди, која му е поднесена на Интерпол од страна на босанската агенција за истрага, се наведува дека Кељеменди е на чело на една од најдобро организираните злосторнички групи во регионот, која е вмешана во криумчарење на дрога, цигари, трговија со луѓе, перење пари. Одтука, се поставува прашањето зошто досега не е уапсен. Актуелниот министер за безбедност на БиХ, Садик АХметовиќ, вели:

Кељеменди беше институционално заштитен во структурите на полицијата и на правосудството.

Тоа значи дека има добри врски меѓу политичарите, обвинителите, судиите и меѓу полицајците. Постојат сомневања дека Насер Кељеменди е поврзан и со актуелни и бивши политичари и моќници и во Србија, на Косово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG