Достапни линкови

logo-print

Златна зора ги прекина односите со медиумите


Грчката неонацистичка партија Златна зора реагираше со ембарго кон сите медиуми по острите критики кон нив, откако партискиот портпарол Илиас Касидиарис ги нападна кандидатките за пратеници на Комунистичката партија и на Сириза, Лиана Канели и Рена Дуру за време на емисија во живо на телевизијата Антена, јави дописникот на МИА од Атина.

Златна зора издаде соопштение во кое му најавува на грчкиот народ дека „отсега го врти грбот на сите медиуми, пред тие да и го свртата грбот на партијата“.

„Медиумите не ни требаат. Ние имаме половина милион Грци на наша страна кои ни значат повеќе од гласноговорниците на грешниот естаблишмент, кои се исто толку виновни за банкротот и моменталната состојба на нашиот народ колку и оние што ги претставуваат“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со инцидентот во емисијата, Златна зора тврди дека Лиана Канели прва го нападнала Касидиарис со тоа што фрлила хартии кон него.

„Ова го нема во видеото. Никој не го виде тоа, дури ни судскиот систем кој издаде налог за апсење на членот на нашата партија. И се разбира никој не ја слушна Канели како пцуе и вика ’фашисти‘. За тоа нема правна процедура, нема налог за апсење“, тврди партијата.
XS
SM
MD
LG