Достапни линкови

Дневен печат - Економска криза и мерки за спас


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Економската криза и новиот владин пакет мерки за олеснување на економската состојба се главни теми во дневниот печат изминатата недела.

„Европската криза и' зеде мерка и на Македонија“ - објавува на насловна страница Утрински, за во продолжението да ја аргументира оваа констатација со тоа дека постојаниот пад на индустријата во првиве шест месеци од годинава, на извозот и на инвестициите, истоштените компании и загрижените бизнисмени се доказ дека европската криза се преточи и кај нас. Веројатен доказ за тоа е и најновиот пакет од 12 владини мерки со кои треба да се вработат меѓу 6 и 8 илјади работници, за кој Утрински коментира дека е копија на таканаречениот „Бранков закон“ од пред десетина години.
Еден вработен плаќа тројца пензионери, невработени и деца.

Дека „Државата ќе им дава пари на фирмите за да вработуваат“, објавуваат инаку сите медиуми, а Нова Македонија, притоа, оди со наслов: „Владата ја гаси кризата, опозицијата не верува во чуда“. Истиот весник објавува и мислења на економисти кои сметаат дека мерките можат да дадат резултати само ако добро се искомбинираат.
Владата најави нови вработувања во јавната администрација.

Владата најави нови вработувања во јавната администрација.


Нова Македонија објавува и загрижувачка информација заснована врз мислења на експерти дека е можно реално да се случи да снема пари во државниот буџет за пензии и за социјалните случаи: „Еден вработен плаќа тројца пензионери, невработени и деца“ - е насловот со кој оди весникот.
Со длабокораспетлана кошула како Џорџ Клуни се појави Шврговски кој треба да ја претставува официјалната страна на државава.

Дневник и Вечер ја пренесуваат изјавата на Шврговски дека обвинителството утврдило дека нема кривична одговорност за Црвенковски поради објавувањето на документот - предлогот на Нимиц во врска со преговорите со Грција за името.

Во исто време, Утрински го критикува јавниот обвинител за несоодветното негово облекување и излегување пред камерите и фотоапаратите кога ја соопштил оваа одлука: „Со длабокораспетлана кошула како Џорџ Клуни се појави Шврговски кој треба да ја претставува официјалната страна на државава“ - забележува весникот.

Утрински пишува дека опозицијата во Струмица, стрелала со „Тешка артилерија против владата“, а за Дневник е најважно дека „И опозицијата сака да ќари со патриотска симболика - Црвено жолто ребрендирање на сините социјалдемократи“.

Вечер на насловната објавува: „СДСМ ги тепа партиските противници на Бранко!“ - во врска со инцидентот на тн. Командант Коки со некогашниот претседател на подмладокот на опозициската партија.

Утрински го следи случајот со градоначалникот на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ кој со службено возило го усмрти 31-годишниот Срѓан Лазаревски од Куманово, па насловува: „Месец и пол по трагичната несреќа се' уште нема обвинение против градоначалникот“.

Ден забележува дека „Во арената Филип втори - работниците работат како робови - се подготвува спектакл на првиот натпревар на Вардар на европска сцена на кој ќе присуствуваат и владини претставници“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG