Достапни линкови

Навраќање на Протестирам


Мартин Галевски, постдипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.
Мартин Галевски, постдипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.

Tреба да не радува тоа што оваа генерација млади луѓе за прв пат демонстрираше храброст, свест и потреба за менување на конзервативните и надминати однесувања на властите во Македонија, кои многу повеќе се однесуваат како егзекутори, а многу помалку како бранители и заштитници на граѓаните, пишува за РСЕ Мартин Галевски. Пост-дипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.

После долго време на апстиненција, затајување и атомизација на граѓанските иницијативи и покрај тажниот повод поврзан со бруталното убиство врз еден млад човек, треба да не радува тоа што оваа генерација млади луѓе за прв пат демонстрираше храброст, свест и потреба за менување на конзервативните и надминати однесувања на властите во Македонија, кои многу повеќе се однесуваат како егзекутори, а многу помалку како бранители и заштитници на граѓаните.
Кај нас во најголем дел власта се поистоветува со моќ, влијание, контрола, а многу помалку со она што е, или треба да биде, нејзина главна одлика, одговорноста.


Кај нас во најголем дел власта се поистоветува со моќ, влијание, контрола, а многу помалку со она што е, или треба да биде, нејзина главна одлика, одговорноста. Но за ваквата ситуација не треба да се бара вината исклучиво во оние кои ја поседуваат власта, туку своја „заслуга“ сносат и граѓаните кои во изминатите 20 години ретко кога претставувале против тежа и коректор на институциите и нивната ефикасност. Дури и во случаеви кога граѓаните покренале иницијатива за социјален мониторинг на одговорноста на властите, таквите иницијативи најчесто биле проследени со институционален молк.

Оттука, во недостаток на силни синдикални здруженија, тром и релативно нефлексибилен цивилен сектор, партиски инструментализирани средношколски и студентски сојузи, со право еден подолг период се поставува прашањето дали во Македонија постои критичка маса и доколку постои во кој обем и со каков интензитет делува. Токму затоа изреката дека младите се движечка сила во општество, кај нас со години беше сведена само на излитена фраза.
Како одговор на сите овие дилеми се појави нова група на (во најголем дел) млади граѓани, првично спонтано организирани преку социјалните мрежи, кои го изразија својот револт и загриженост во однос на полициската бруталност и безсмислената смрт на 22 годишниот Мартин Нешковски. Свесни дека за вистински општествени промени не е доволно да се биде активен само на социјалните мрежи демонстрантите ги претставија своите барања на улиците во повеќе градови низ Македонија.

Во време на изразена поделеност по повеќе основи уличните протести се појавија како прва иницијатива од ваков тип со непоколеблива потреба за создавање единство и солидаризирање без разлика на политичката или етничката определба и припадност. Во текот на деновите протестите добија пошироко значење отколку првичниот проблемот со полициската бруталност, тие се поинтензивно ја симболизираа борбата за демократија и човекови права. Демонстрациите навидум несвесно и наивно придонесоа кон унапредување на основните вредности на цивилното општество изразени преку нагласување на независноста на индивидуата, плуралитетот и почитта кон туѓите мислења и ставови, поттикнувањето на толеранција, но пред и се тие го промовираа принципот на човечност.

Властите заборавија дека постојат за граѓанството

Групата граѓани прерасна во активно граѓанско движење проширувајќи и искористувајќи ги своите уставно загарантирани права на партиципација и јавно изразување, надвор од формалното право на глас. Практикување на т.н улична или директна демократија каде каузата се појави како точка на врзување помеѓу граѓаните стана симбол и двигател на протестите кои се одвиваа секој ден низ улиците на повеќе градови во Македонија.

Се чини дека властите кај нас, заборавија дека тие постојат во функција на граѓанството и дека токму луѓето според општествениот договор доброволно се откажуваат од својот изворен суверенитет и со тоа и пренесуваат легитимитет на одредена политичка гарнитура за исполнување на општото добро. Затоа секоја иницијатива која потекнува од граѓанството, за крититчко преиспитување на делувањето на власта, мора да се земе како валидна и легитимна.

Иако овие протести не претставуваат чист облик на институционално непосредно изјаснување, сепак истите несомнено претставуваат значајна граѓанска иницијатива која го има препознатливиот приод од доле нагоре. Организирајќи се според хоризонтална хиерархија и децентрализирано делување, демонстрантите со вака широко дисперзираната моќ и одговорност им застанаа на патот на оние кои сакаа да посочат „дежурни виновници“ за протестите. Ваквата практика зборува за нивото на политичка култура кај нас, каде власта се обидува да ја дискредитира секоја иницијатива која е туѓа на веќе воспоставените официјални ставови. Култура која во конкретниот случај негува, толерира и задскрива полициска бруталност. Оттука и недовербата на младите во институциите на системот, па затоа скептицизмот на младите дека можат да променат нешто во својата непосредна околина не треба да не изненади. Консекветно можеби тука треба да се бара недостатокот на социјален капитал и инклузивност кај македонската младина.

Во такви околности демонстрантите против полициската бруталност креираа идејни цели за реформи во полицијата без конкретно да се навлегува во разработка на предлог закон. Но, успехот на движењето е несомнен без разлика на системските, политичките и легислативни импликации. Протестите ја покажаа моќта и придобивките кои произлегуваат од асоцијативноста, солидизирањето и колективната акција. Тие претставија еден нов личен акт на придонес кој ги надмина партикуларните интереси и придонесе кон колективно спонтано самоорганизирање. Она што останува како дилема е дали успехот на движењето ќе поттикне и мотивира идни инцијативи кои ќе обезбедат континуитет на општествениот ангажман на македонските граѓани и во други свери на социјалниот живот. Останува времето да покаже дали ова или сличните на него автономни граѓански движења ќе се профилираат како динамична опозиција, коректор и антипод на државата и неуморно ќе вршат редистрибуција на моќта.
XS
SM
MD
LG