Достапни линкови

Недела на битолскиот театар за скопската публика


Претставата „Вишновата градина“ во режија на Звездана Ангеловска, Народен театар – Битола.
Претставата „Вишновата градина“ во режија на Звездана Ангеловска, Народен театар – Битола.

Со изведбата на „Вишновата градина“ во режија на Звездана Ангеловска, утревечер во 20 часот во Салонот на МОБ, започнува манифестацијата „Недела на Народен театар – Битола“, во рамките на која до 13 јули скопската публика ќе има можност да види уште шест претстави од репертоарот на оваа наша национална установа.

Не многу по успешното претставување во рамките на проектот „Окупирај го Драмски“, Народниот театар од Битола тргнува во освојување на Скопје. Манифестацијата што ја потпишуваат уметниците на оваа наша национална установа ќе започне со едно од највозбудливите драмски дела било кога напишани - „Вишновата градина“ од Чехов, во режија на Звездана Ангеловска.
Пред нецела година се роди идејата, она што ќе го создадеме во текот на годината да го прикажеме пред пошироката македонска јавност, односно конкретно во градот Скопје каде што е и најголемата концентрација на љубители и познавачи на театарот.
Валентин Светозарев, директор на Битолскиот театар.

Потем во наредните шест дена до 13 јуни, на две сцени - во Салонот на Македонската опера и балет и во Македонскиот народен театар, љубителите на театарот ќе имаат можност да ги проследат и „Опасни врски“, „Обична приказна“, „Медеја“, „Јане Задрогаз“, „Минхаузен“ и третиот дел на Шекспировата „Хенри Шести“, со која овој наш ансамбл ги освои симпатиите на присутните во престижниот „Глоуб“ во рамките на актуелната Културна олимпијада во Лондон.
Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.
Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.

„Пред нецела година се роди идејата, она што ќе го создадеме во текот на годината да го прикажеме пред пошироката македонска јавност, односно конкретно во градот Скопје каде што е и најголемата концентрација на љубители и познавачи на театарот“, вели Валентин Светозарев, директор на Битолскиот театар.
Претставите не ги создаваме да ги гледаме само ние. Со една ваква концентрирана недела и претставување на најдоброто од репертоарот на Битолскиот театар да ја постигнеме нашата цел да им се оддолжиме на нашите поддржувачи, на нашата публика, на нашите пријатели и некако подобро да се запознаеме самите меѓу себе.
Благој Мицевски, уметнички директор на Битолскиот театар.

Говорејќи за одбирот на претставите и естетиките и вишнеењата кои тие со себе ги донесуваат, тој дополнува дека „Хенри Шести“ не била во првичниот концепт, но дека едноставно не можеле да му одолеат на последното нешто позитивно што ним и на македонскиот театар воопшто му се случило на интернационален план.

Од своја страна, уметничкиот директор Благој Мицевски забележува дека тие свесно се откажале од создавањето шеста претстава за сметка на ова гостување во Скопје.

„Претставите не ги создаваме да ги гледаме само ние. Со една ваква концентрирана недела и претставување на најдоброто од репертоарот на Битолскиот театар да ја постигнеме нашата цел да им се оддолжиме на нашите поддржувачи, на нашата публика, на нашите пријатели и некако подобро да се запознаеме самите меѓу себе.“

Соња Михајлова, која ќе ја видиме дури во четири претстави, „Медеја“, „Опасни врски“, „Минхаузен“ и „Хенри Шести“, истакнува дека во минатото имало многу поголема театарска раздвиженост и соработка помеѓу актерите во Македонија.

„Не само сентиментално, туку и професионално се надевам дека дел од оваа недела ќе бидат и нашите колеги од скопските театарски куќи.“

Реализацијата на овој проект е овозможена од Министерството за култура и од Општина Битола, а од Народниот театар најавуваат дека ова е само вовед во креирањето на клима која ќе овозможи „проветрување“ во националните ансамбли во земјава и дека неопходната размена на идеи и креации најверојатно ќе прерасне во поголем концепт во кој би биле вклучени сите оние кои живеат од и за театарот во Република Македонија.

Инаку, влезниците за поединечните претстави ќе се продаваат на билетарите на МНТ и на МОБ, а комплетот за целата манифестација чини само 1.000 денари.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG