Достапни линкови

Опозицијата протестира, ќе има ли ефект?


Архивска фотографија. Протестен митинг на СДСМ во Скопје.

Архивска фотографија. Протестен митинг на СДСМ во Скопје.

СДСМ на улица ќе се пресметува со власта. За власта тоа се неуспешни фрази без суштина, граѓаните се скептични дека со протестите нешто ќе се смени, а експертите велат дека протестите може да имаат одреден ефект.

Социјалдемократите со протест во Струмица ја започнаа нивната битка со власта. Со посета на градови и села низ земјава тие летово ќе го посветат на лоцирање на проблемите на граѓаните и на нивно решавање. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека од СДСМ не понудиле ништо ново, туку истите фрази во кои нема никаква суштина, предлог и идеја.
Присуството на огромен број граѓани во Струмица, преку 10 илјади, ни покажа дека граѓаните бараат такво собирање, бараат место каде што ќе можат да си го кажат гласот, да го кренат гласот против постоечките состојби во Република Македонија и каде што ќе можат да го видат раководството на СДСМ како и кандидатите што ние ги нудиме за идни градоначалници во тие општини.

Ана Павловска Данева од СДСМ вели дека нема потреба да ги коментираат реакциите на нивните противници. Тие се задоволни од приемот на граѓаните и планираат да продолжат со исто темпо.

„Присуството на огромен број граѓани во Струмица, преку 10 илјади, ни покажа дека граѓаните бараат такво собирање, бараат место каде што ќе можат да си го кажат гласот, да го кренат гласот против постоечките состојби во Република Македонија и каде што ќе можат да го видат раководството на СДСМ, како и кандидатите што ние ги нудиме за идни градоначалници во тие општини.“

Граѓаните што ги анкетиравме за рубриката Хајд Парк на нашата веб страна се скептични дека СДСМ на еден ваков начин ќе може да и се спротивстави на власта.

„Ќе имаат ефект кај младата генерација што не ги знае постапките на СДСМ од 1991 до смената на власта.“

„Треба да се пробаат сите демократски начини, така да и тоа не е лошо.“

„Мислам дека нема многу да допринесе, освен да покаже масовност.“
Професор Здравко Савески вели дека директното информирање на граѓаните за сопствените позиции секогаш има одреден ефект, а бидејќи опозицијата не располага со доволен медиумски простор, еден од начините да се наметне е одржување на протести.

„Овој начин со одржување на митинзи има два ефекти, прво да ги охрабри своите членови, а исто така и да ги информира останатите граѓани за сопствените партиски позиции и за сопствените решенија.“

Савески додава дека еден од главните проблеми кои опозицијата мора да го надмине е недовербата кај неопределните граѓани кон работата на СДСМ додека била на власт.

„Тоа им е една голема бариера, голема препрека за придобивање на неопределните граѓани и тие сериозно треба да поработат на промена на таа своја слабост ако сакаат посериозно да ја загрозат владеачката партија.“

Следната станица на СДСМ во наредниот викенд ќе биде Велес.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG