Достапни линкови

Александра Поповска - глас што ги премостува далечините


Александра Поповска.

Александра Поповска.

„Драган Даутовски квартет“, во саботата во МОБ, во рамките на актуелното издание на ОФ-ФЕСТ, го одржа еден од своите најдобри и најиновативни концерти досега. Во Бајса Арифовска и синот Ратко учителот доби уникатни музички собеседници какви што отсекогаш си пожелувал, а Александра Поповска докажа дека е пејачка која импресионира со гласот што премостува далечини и достига височини што им прилегаат на вистински големите светски уметници.

Овој концерт го отсвиревме онака како што посакува секој уметник. Бевме гости на еден голем фестивал каков што е ОФ-ФЕСТ и имавме можност да се занимаваме само со она што најдобро го знаеме и во што најмногу уживаме.
Еве вака ја почнува својата пост-фестивалска приказна Александра Поповска, пејачката на „Драган Даутовски квартет“, која во Скопје од Хаг каде што сега живее, допатува само за кратко, за да по седумесечна пауза од настапот во Словенија, наново ужива во средбата со колегите и уште повеќе со македонската публика.
Мислам дека на сите ни е задоволство да свириме едни со други, а тоа го чуствува и публиката, се чуствувавме како да не држат на раце, тоа не мотивираше уште повеќе, многу беше инспиративна атмосфера, на домашен терен, беше многу топло.

„Мислам дека на сите ни е задоволство да свириме едни со други, а тоа го чуствува и публиката, се чуствувавме како да не држат на раце, тоа не мотивираше уште повеќе, многу беше инспиративна атмосфера, на домашен терен, беше многу топло.“

Поповска во изминативе години најнапред ја одбрани тезата со наслов „Изведба и компонирање во мултимедијалните уметности од перпектива на пејачка“ во Велика Британија, потем стана магистер по музика, перформанс и продукција во Холандија и теорија и педагогија во Македонија,а од неодамна е мајка на малата Мила. Сепак, наспроти обврските околу ќеркичката, таа е решителна да ја следи динамиката на натамошно делување на матичниот состав.
Јас не сум единствената мајка уметник која успева да си ги одржува и професионалните и приватните обврски, ќе ми треба поинаква логистика и организација, но секако ќе успеам и да одговорам на обврските и да се посветам на детето.

„Јас не сум единствената мајка уметник која успева да си ги одржува и професионалните и приватните обврски, ќе ми треба поинаква логистика и организација, но секако ќе успеам и да одговорам на обврските и да се посветам на детето.“

Следниот нејзин настап со квартетот е на Тамбурашкиот фестивал во Куманово што е планирано да се одржи кон крајот на август годинава, а дотогаш Александра ја чекаат ангажманите со нејзините три солистички европски проекти. Имено, таа ќе продолжи да пее со „Барбар проџект“ со кои на 27 мај имаше успешен настап на фестивалот за ромска музика во Тилбург, а со електро-акустичното трио „Ел Фоамнџер“ очекува до крајот на оваа календарска година да го објават својот деби албум со поекспериментална музика во која се користени новите технологии. Сепак, како автор, особено е горда на четиригодишната соработка со фестивалот за деца „Биг бенг“ од Белгија кој што се одржува во просториите на оперите на шест европски главни градови.

„Поднасловот на манифестацијата е Фестивал за нова и авантуристичка музика за деца и би сакала, ако успееме да го организираме и да го донесеме и во Македoнијa, бидејќи нема многу голема програма кај нас за најмладите.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG