Достапни линкови

Европските карневалџии на конвенција во Прилеп


32 Конвенција на Федерацијата на европски карневалски градови во Прилеп.
32 Конвенција на Федерацијата на европски карневалски градови во Прилеп.

Во Прилеп се одржува 32 Конвенција на Федерацијата на европски карневалски градови. Тоа е добра можност за промоција на земјава, вели прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Околу 130 делегати на Федерацијата на европски карневалски градови престојуваат во 8-дневна посета на Прилеп и Македонија. Тие одлучија да ја одржат токму во Прилеп 32-та Конвенција на ФЕКК, на која избираат нови раководни органи. Но, паралелно на свој трошок, овие богати луѓе, репрезенти на 20 држави во Европа, Северна и Јужна Америка, Колумбија, одлучија да ги уживаат убавините на Македонија.
Првин бевме на карневал во Струмица, а сега сме тука во Прилеп. Времето се надевам дека ќе биде добро и дека ќе видиме многу убавини од градот и Македонија. Но, најважно е што граѓаните се многу гостопримливи.
Мартин Крајсек, член на делегацијата на Федерацијата на европски карневалски градови.

„И сега ќе видиме што ќе донесе неделава. Исто така многу сум импресиониран од вашата конекција со небото, нема дожд надвор. Делегатите со нетрпение очекуваат да го вкусат духот на вашиот град, вашата земја. Дојдени се дури од Америка и Колумбија“, вели Хенри Ван Дер Крон од Холандија.

„Првин бевме на карневал во Струмица, а сега сме тука во Прилеп. Времето се надевам дека ќе биде добро и дека ќе видиме многу убавини од градот и Македонија. Но, најважно е што граѓаните се многу гостопримливи“, вели неговиот пријател и колега, член на делегацијата Мартин Крајсек, којшто доаѓа од Русија.

Гостите ги посетуваат многу значајни културни споменици, манастири, се запознаваат со природните богатства и убавини на Охридското Езеро и Свети Наум. Вевчани, според најавите, ќе го обнови своето членство во ФЕКК при посетата на делегацијата, а Крушево ќе го полага тестот за учество со проектот „етно-град“.

Се организираат и бројни забави во локалите, во рестораните за традиционална храна, со пикантен македонски шмек. Едноставно домаќините им приредија неповратно уживање и веруваат дека дел од гостите иако доаѓаат прв пат, ќе се вратат повторно со свои пријатели,за повторно да уживаат во туристичката понуда на државата.

„Карневалите се добра можност за промоција на градовите, на државите. Меѓутоа и за економски и финансиски бенефит, бидејќи се одлични за развој на тој културен туризам и културен аспект на претставување на градовите и државите“, потенцира градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Делегацијата ќе престојува во Македонија до 3 јуни, а дотогаш ќе има средби со министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, додека свечен прием ќе биде организиран и кај претседателот Ѓорге Иванов.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG