Достапни линкови

Ваши коментари - Што треба да знаат младите


Младите генерации знаат малку за своето минато.
Младите генерации знаат малку за своето минато.

Младинската он-лајн колумна за необразованоста на младите генерации е најкоментиран текст на нашата интернет-страна изминатата недела.

Кога младите пишуваат за себе е многу интересно. Уште поинтересно е кога ќе се види дека тие не се такви што понекои ги сметаат: дека не размислуваат со своја глава, но и дека размислуваат сосема поинаку од своите родители. Што е и нормално, нели. А и сосема јасно отсликуваат во каква држава живееме сите ние.

Од кого да учат овие деца? Кој да им дава пример? Од нивните родители кои системот ги исфрли на улица како технолошки вишок, како стечајци, како здрави, работоспособни но предвремено пензионирани индивидуи?
Коментар од читател.
Антоанета Иванова, коосновач на Младинфо, многу искрено пишува за младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа дека сегашниве млади генерации се изгубени и дека ништо не знаат за своето минато. Но Наташа од Скопје и' забележува дека треба да се критикуваат вистинските виновници, а не младите луѓе. Во оваа наша средина каде вратари од дискотеки стануваат градоначалници и студенти со просек 7.0 - министри и премиери... каде е најважно во која партија ќе бидеш, која мотивација можат да ја најдат тие млади луѓе?

Читател од Скопје прашува за какво продолжување на делата и вредностите на нивните претци зборува Антоанета кога десетици илјади политичари и партиски активисти со години дејствуваат за да се прикаже дека се' што било направено во периодот по смртта на Гоце Делчев се' до осамостојувањето на Македонија било тотално промашување, талкање, па дури и брутален терор од страна на едни Македонци врз други.

Димитар од Битола пишува дека најголемиот проблем е што возрасните, односно, родителите, го изгубија компасот, вели. Во оваа земја многу полесно се живее како неработник и неук, но член на некоја политичка партија, отколку со многу работа и образование, но надвор од политиката.

Александар уште покатегорично ја прашува Антоанета на кој факултет може да се научи како да преживее една фамилија од 5 члена со една пензија или плата.

Околу (не)членството на Македонија во НАТО секогаш се развива интересна полемика на нашата веб-страница: ако по Чикаго и интервјуто на премиерот во кое ја нападна Алијансата и сите нејзини членки голем дел од граѓаните се задоволни затоа што го искажал и нивниот долго билдан со реклами и со негативна политика гнев, слушател од Франкфурт потпишан со „Сам 2“ потсетува дека половина источна Македонија била со бугарски пасоши, половина западна Македонија била албанска, друга половина исселена, а последната - сиромашна. Тоа што останува е една Македонија вработена во администрацијата и револуционери од 18 век,(читај ВМРО).... Па нас не' нема, бре луѓе, резигнирано коментира Сам 2. Со празен стомак не се гради идентитет.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG