Достапни линкови

logo-print

Македонија во чест на Свети Кирил, чествување во Ватикан



Македонска државна и црковна делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, престојува во посета на Република Италија и Ватикан, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Во состав на државната делегација се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа-Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска. Во црковната делегација се митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, митрополитот европски Пимен и скопскиот бискуп Киро Стојанов.
Според програмата, премиерот Груевски, заедно со придружната и црковната делегација, денеска ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Бенедикт Шеснаесети, а ќе се сретне и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне.

По аудиенцијата кај Папата и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Покрај чествувањето, делегацијата престојот во Рим ќе го искористи и за средба со потсекретарот во Министерството за економски развој на Италија Масимо Вари, по што ќе се одржи бизнис форум за претставување на можностите за инвестирање во Македонија, во организација на Стопанската комора од Рим.

Министерот Попоски, пак, ќе има средба со министерот за надворешни работи на Италијанската Република Џулио Терци на која се очекува да бидат разменети мислења во поглед на резултатите од завршениот НАТО Самит во Чикаго, околу фазата во која се наоѓа Македонија на патот на своето интегрирање во ЕУ, релациите на двете држави на билатерален и мултилатерален план, а се очекува да биде направен и осврт на соработката на планот на културата.
XS
SM
MD
LG