Достапни линкови

logo-print

Информациите за самитот на НАТО во Чикаго и исходот од него се најкоментираните текстови на нашата интернет страна.

Ете, дојде и толку зборуваниот самит на НАТО во Чикаго, Македонија и проширување нема на агендата, премиерот преку државната МИА неумерено го истури сиот гнев врз Алијансата, па интересно ќе биде да ги препрочитаме пораките и коментарите од вас, почитувани, токму на оваа тема - НАТО и како и дали во него.
Тоа ли е судбината на Македончето, цел живот да го влечат за нос? Власта цело време збори дека направила се што е во нејзина моќ да станеме членка на ЕУ и НАТО и дека сме биле конструктивни по прашањето за преговорите за нашето идно наметнато име. Тоа не е конструктивност, таквата конструктивност оди во прилог само на Грците.

Горан, на пример, од Македонија, смета дека Македончето, како што пишува, цел живот го влечат за нос. Власта цело време кажува дека направила се' што е во нејзина моќ и дека сме биле конструктивни по прашањето за преговорите за нашето идно наметнато име. Горан смета дека тоа не било конструктивност и дека преговорите треба да се прекинат, како и Времената спогодба. Тој полесно ќе прифател да биде под странска окупација отколку државата да си го променела името.

Миле од Охрид, познат како слушател кој постојано ја следи Радио Слободна Европа ама воопшто не ги бендисува нашите новинари и темите, пак не' нарекува „промотори на антимакедонскиот шовинизам“ и не' прашува дали сме знаеле дека во Македонија не постоел еден единствен човек кој бил за Македонија да стане членка на НАТО и дека Македонија немала да влезе во таа организација се' додека не расчистела со шовинизмот, како што смета Миле.

Бобан од Прилеп порачува дека државата потрошила енергија, нерви и пари на глупости и дека преговорите треба да прекинат бидејќи штом преговараме, тогаш самите не знаеме како ни е името.

И Сашо од Скопје е со сличен став. Тој дури повеќе сакал да биде во состав на некој од соседите, демек поробен, отколку да не живее во Македонија која немала да се вика така раководена од предавници, како што вели, кои и онака работеле за тие земји.

Некој потпишан како Мариовец од Шведска, прашува до кога Грција ќе ни ја вадела душата и од гурбет порачува Македонците да се обединеле. Мариовецот изразува надеж дека Шведска не трошела негови пари од даноците за да и помага на Грција.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG