Достапни линкови

Тачи - Невозможно е опозицијата да се обедини


Мендух Тачи
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:09 0:00
Директен линк

Мендух Тачи.

Јас како лидер на опозицијата на Албанците не можам да прифатам и не ми дозволуваат тие гласови што ги имам да се ставам под чадор на некој друг лидер, вели лидерот на ДПА, Мендух Тачи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Тачи, радикален ислам, етнички протести, дестабилизација на државата. Ова се дел од темите кои се на главното мени на политичката маса во моментов. Како ја оценувате моменталната состојба во државата?

Ништо не се променило на добро. Сите имавме надеж дека работите ќе се подобрат, поготово после 2001 година, но очигледно се е искомплицирано. Мислам дека државата не функционира како што треба, сите овие вештачки експерименти, овој политички речник, недоличен на една сериозна држава доаѓа од тоа што нема спремност од страна на Македонците да ја сфатат идејата дека оваа држава може да опстои само заедно со Албанците. Флоскулите и зборовите за радикален ислам се повеќе смешни отколку сериозни. Очигледно владата направи некој недоличен договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, ова убиство да се квалификува со такви зборови. Многу брзо работите ќе станат јасни дека овде нема никаков друг проблем, основниот проблем се односите меѓу Македонците и Албанците.

Велите дека тезите за радикален ислам се смешни. Зошто мислите така?

Затоа што нема никаков аргумент. Во моментот кога владата и МВР за некој обичен случај или обично убиство ќе ви прават политички коментар, да знаете дека тоа е обична лага. Владата и МВР треба да ни кажат каде, кој, со кого, во кој момент, во кој милиметар, запирка, продолжување на политички коментари, тоа значи дека ова е политичка квалификација.

По палењата на знамињата, тепачките во автобусите, меѓуетничките тензии добија нова димензија токму со убиството кај Смилковското Езеро. Во чиј интерес е влошувањето на меѓуетничките односи во земјава?

Па мислам дека тоа беше еден обичен трик на коалиционите партнери, малку да ни глумат тензија, да не убедат дека сме во опасност, да ја убедат или да ја принудат, според нив, меѓународната заедница да не прими во НАТО. Кога видоа дека овие работи може да станат многу сериозни, мислам дека командуваа да се повлечат луѓето што ги инструираа за вакви манифестации. Најобична слика пред владата пред која демонстрираа околу 70 Македонци зборува за тоа дека командантот се повлекол од оваа игра. Оваа игра ја командуваше владата, добро е што имаме сигнали дека се повлекува од овие валкани игри и мислам дека ќе биде подобро сите заедно да работиме, да доаѓаме до некој договор, да не употребуваме навреди и тн. Зошто велам владата, не затоа што сум во опозиција. Ве молам, само анализирајте, кој ја спонзорираше со пари Енциклопедијата? Владата. Каде почнаа првите навреди кон Албанците? Во таа Енциклопедија. Другото е само одвивање на работите по тој терк.

Министерката Јанкулоска соопшти дека главен мотив на извршителите на убиството кај Смилковци, кои што ги нарече следбеници на радикалниот ислам, е да се влее страв кај луѓето. Потоа следеа протести на коишто демонстрантите тврдеа дека нема радикални структури во земјава и дека станува збор за монтиран случај. Какви се вашите сознанија, има ли воопшто во земјава структури на радикален ислам коишто би можеле да спроведуваат терористички активности?

Не можам да ви кажам дали случајот е монтиран или не, неупатно е тоа. Дали се виновници овие што се во затвор или не, неупатно е тоа. Но можам три работи да кажам.

Прво, министерката ни кажа дека овие се радикални исламисти. Премногу трагична ситуација, да не речам комична. Ако се радикални исламисти, ако тие сакаат да не заплашуваат, ако вака не убиваат, дали пак ќе не убиваат? Тоа е организирана структура и пак ќе имаме такви акции.

Второ, кои се фактите што ги има министерството дека овие луѓе што го направија овој чин се радикални исламисти.

Вие кога имате јавно соопштение од Стејт департментот, во кое се вели дека ги очекуваме фактите, тоа е дипломатски речник, а кога би ги појасниле изјавите, тие велат немате факти и немате аргументи за ова.

Трето, зашто министерката не ни кажува кој е концесионер, дали некој има земјиште до тој концесионер, дали тоа може да биде еден банален конфликт?

Мислам дека таквите квалификации се дадени од преголемиот страв да се зуцне оти можните сторители се Албанци или Македонци, затоа што целата валкана игра помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, оти ќе има конфликт помеѓу Албанци и Македонци стана јаве. Тие попрво се договориле да ни соопштат дека овде има радикални исламисти зашто беа до смрт уплашени да не зуцне некој дека ова е конфликт меѓу Албанци и Македонци. Се надевам дека брзо ќе се повлечат, веќе приметувам дека се повлекуваат од таквите глупости и да ги нарекуваат Албанците исламисти и радикали. Такви обични финти прави српската служба. Уапсени се некои со презиме на иќ, како Бошњаци, некои други како Албанци и последното нешто на што сакам да укажам, ако стотина луѓе се малтретирани, ако на стотина семејства се малтретирани, треба некој да сноси одговорност. Не можете вие да ги малтретирате луѓето, не можете да ги држите во затвори и во притвори по пет-шест дена и потоа да им кажете извини. Треба некој да сноси одговорност, и политичка и кривична.

Радикалниот ислам во изминативе неколку години е тема којaшто од време на време се вади во јавноста и се добива впечаток дека понекогаш само се создава страв кај луѓето. ИВЗ едно време велеше дека постојат вахабисти, па после дека не постојат, па имаме, па немаме под своја закрила дел од џамиите. Постои ли реално во земјава опасност од таква една радикална структура која што би можела да спроведува такви активности?

Најодговорно ви кажувам дека не постои. Затоа што ова им се наметнува на Албанците. Јас ги знам приликите, тоа не постои. Дали има криминални структури, кои се нарекуваат со секакви имиња, вехабии, салафисти, такви работи може да зборуваме. Дали има проекции од српската служба која е најсилната служба, дали ги контролира тие криминални групи, можам да ви потврдам дека српската служба ги контролира таквите групи. Зборувањето за вехабии и за други, кога слушам од некои луѓе на телевизија, па нека бидат и владини челници, ми се гади зашто они воопшто не знаат што значи в, а не да зборуваат за вахабии. Начинот на кој оваа теза се фрла во јавноста е очигледно сакаат да ги оцрни Албанците зашто они се многу имплицирани во тој радикален ислам. Нема врска.

Дел од аналитичарите сметаат дека протестите кои се одржаа изминатите два петока се дел од новите борби за превласт во ИВЗ, користејќи го како аргумент тоа што протестите стартуваа од една скопска џамија, а имаа мал одзив во другите градови. Дали е можна една таква теза?

Не, не се согласувам со тоа. Можеби има луѓе кои сакаат да ги злоупотребат политички овие протести. Но луѓето што протестираат повеќе се од тој дел од Скопје, затоа што полицијата правеше р’шум последните две недели по тие албански семејства. Одредени медиуми, одредени луѓе што се ориентирани против ДПА сакаат да ги прикажат овие протести како политички. Ги гледав и мислам дека тоа очигледно е еден внатрешен гнев на човек кој е оставен на цедило, гневот е кон ДУИ, 99 проценти од тие луѓе се членови и симпатизери на ДУИ и нормално е таму да се протестира.

Во дел од медиумите се појавија шпекулации дека имаше и ваши членови на протестите.

Може, нормално. Може да има и наши членови, ние не можеме да им забраниме на луѓето да протестираат. Но ние јавна подршка и учесници во организации на такви протести немавме. Очигледно луѓето кои се незадоволни во моментот забораваат на политичките етикети.

Во ситуација кога велите дека вие не стоите зад овие протести, а од друга страна демонстрантите кои се симпатизери на ДУИ, гневот на протестите го истурија врз ДУИ, кој во основа стои зад овие протести?

Мислам дека овие протести повеќе се спонтани, има луѓе што сакаат да ги злоупотребат овие протести од политички апсект, но мислам дека нема да успеат.

Колку овие протести можат да се злоупотребат и да се претстават како предзнак за нова албанска партија на политичката сцена?

Па не знам, мислам дека тоа е пуста желба на одредени луѓе, пуста желба можеби на одредени политички партии кај Македонците. Политичката сцена кај Албанците е веќе стабилизирана, има јака опозиција и партија која е на власт. Нормално демократски е секој да ја проба својата шанса, но треба да се запазат демократските норми.

Можно ли е во овие протести да се согледа начинот на кој ДУИ дојде на политиката сцена. Дали овие протести укажуваат дека така би можело да се смени владеачката структура?

Не верувам, будејќи тоа би било стар трик - нова будала. Не верувам дека некој мисли дека таков подол трик може двапати да се употреби, како што направи ДУИ во 2001. И тоа апсолутно не би било добро за Албанците, не би било добро за Македонија. Мислам дека до тоа нема да дојде, затоа што најјаката опозициска партија на Албанците, ДПА не ги преферира тие патишта.

Македонскиот опозициски блок се уште е поделен на две крила, на едната страна СДСМ, на другата страна четирите централно – десничарски партии. На која од овие страни како опозиција ќе и се приклучите?

Тука е проблемот, ние не можеме да се приклучиме, затоа што ние уште потврдуваме дека тука има и етничка опозиција, ДПА е етничка опозиција. Ние не можеме да седнеме под некој чадор. Некои други помали албански партии можеби се спремни на таков компромис, но тоа не значи дека ние не сме спремни за разговор и соработка, но очигледно во нешто се разликуваме многу. Ние и понатаму зборуваме дека позицијата на Албанците е многу дискриминирана, македонската опозиција мисли дека тоа не е така, мислам дека тоа претставува голем проблем за понатамошна соработка.

Тоа значи дека тешко може да дојде до обединување на опозицијата?

Невозможно е тоа, невозможно, затоа што јас како лидер на опозицијата на Албанците не можам да прифатам и не ми дозволуваат тие гласови што ги имам да се ставам под чадор на некој друг лидер.

Еве го Самитот на НАТО, евроинтеграциите со претпристапниот дијалог како да тргнаа од статус кво, но главното прашање спорот за името, остана нерешено. Какви се вашите очекувања за евро-атлантското интегрирање на Македонија?

Никакви, тоа е јасно дека нема да се случи тоа. Второ, не е точно дека процесот на евроинтеграции тргна, тоа е само една бомбона за да не ги губиме сите надежи, замислете и тие да ни речат немате шанси, тоа значи дека сите кренале раце од нас. Уште повеќе се комплицира ситуацијата со изборите во Грција, затоа што веќе од другата страна немаме партнер кој е спремен да разговара за тоа. Мислам дека ова за владата е златна шанса за понатамошна измама на граѓаните на Македонија.

После 21-ви очекувам дволичната политика на Али Ахмети да добие завршен печат. Од 2008 до денеска не замараат дека тие се тие што најмногу се заинтересирани за интеграцискиот процес, но веќе ќе биде јасно дека веќе не можат ништо. Двете министерства што ги контролира Ахмети, одбрана и евроинтеграции, очекувам најмалку Ахмети да им се извини на Албанците за дополнителната измама дека Албанци ќе ги водат овие министерства и дека тие ќе успеат да го деблокираат процесот. Работите многу ќе се комплицираат и од економски аспект. Не знам кој им е планот на владата, но навистина не можам да останам рамнодушен и да ги лажам граѓаните дека ни претстојат добри денови, ни претстојат многу лоши денови.

Албанскиот претседател Бамир Топи и косовскиот министер за правда апелираа за мир, соживот, намалување на тензиите за стабилна и функционална држава, од друга страан вие пред два месеци за албанска телевизија изјавивте дека живееме во експеримент држава. Зошто?

Ако односите меѓу Македонците и Албанците не се решени, а последните случувања укажуваат на тоа дека не се решени, ако интеграциските процеси не се деблокирани, јасно е дека живееме во експеримент држава.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG