Достапни линкови

Македонската делегација отпатува на самитот на НАТО, СДСМ бара отчет


Македонската делегација отпатува за Чикаго, каде што на 20 и на 21 мај се одржува Самитот на НАТО. Делегацијата на Република Македонија на Самитот ќе биде предводена од претседателот Ѓорге Иванов, а во неа се министрите за одбрана и за надворешни работи Фатмир Бесими и Никола Попоски, амбасадорот во мисијата при НАТО Мартин Треневски и амбасадорот во Соединетите Американски Држави Зоран Јолевски.
Во рамките на Самитот, македонската делегација, ќе учествува на состанокот предвиден за членките на НАТО и на земјите - учеснички во мисијата ИСАФ во Авганистан, кој ќе се одржи на 21 мај. Претседателот Иванов ќе има свое обраќање на овој состанок. Истиот ден предвидена е и одделна средба на министерско ниво на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија со земјите членки на НАТО.

СДСМ бара од Груевски да каже што очекува од НАТО самитот

За НАТО и ЕУ, „не постои друга алтернатива, а граѓаните треба да бидат свесни дека секојдневно ја плаќаат високата цена на неспособноста на оваа власт да ја внесе земјата во ЕУ и НАТО“, изјави денеска потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев.
Тој го повика премиерот да и ги соопшти на јавноста неговите очекувања од Самитот на НАТО во Чикаго и да го презентира неговиот план што понатаму.
- Би било добро премиерот да соопшти што е за него успех во Чикаго, да бидеме само спомнати како земја аспирант, или да добиеме покана за влез во Алијансата, наведе Георгиев.
Тој оцени дека 48 часа пред Самитот на НАТО во Чикаго, никогаш порано пред толку важен настан македонската надворешна политика не била толку дезориентирана и без план.
XS
SM
MD
LG