Достапни линкови

Акциите паѓаат поради страв од случувањата во Европа


Илустрација.
Илустрација.

Вкупниот промет на Македонската берза од почетокот на годината е 26 милиони евра, наспроти 72 милиони евра лани.

За македонскиот пазар на капитал и Македонската берза ова е тежок период полн со предизвици и дилеми за тоа како да опстои и како да се продолжи понатаму, велат берзанските аналитичари по падот на вредноста на акциите на светските берзи.
Бидејќи постои страв или опасност од понатамошно екслирање нели на оние негативни настани во еврозоната и нивно пресликување на македонската берза, многу е веројатно и понатаму цените на акциите да се намалуваат, но да повторам, не во толкав обем како што се случува во Европа, пред се поради малата ликвидност на македонската берза.
Александар Манев, инвестициски советник.

Од Македонската берза признаваат дека моменталната статистичка слика на Берзата е далеку од поволна. На пример вкупниот промет од почетокот на годината е 26 милиони евра, наспроти 72 милиони евра лани. Странските портфолио инвеститори учествуваат во вкупниот промет со само 5,5 проценти. Учеството на домашните физички лица е слично како лани, а главното поместување и промена претставува зголемено учество на домашните правни лица кое е 71,5 проценти, вели директорот на Македонска берза, Иван Штериев.
Александар Манев, инвестициски советник.
Александар Манев, инвестициски советник.

Според него, глобалниот берзански бум кој го опфати и нашиот регион, предизвика шпекулативен раст на цените на хартиите од вредност и колективна еуфорија дека тоа ќе трае бесконечно. Кога заврши еуфоријата цените колабираа, оставајќи големи економски загуби, а опоравувањето од овие состојби подразбира време, вели Штериев.
Иднината воопшто на овие мали пазари се гледа во рамки на поголеми системи за тргување и на тој начин обезбедување на место под сонцето на пазарите на капитал.
Горан Марковски, директор на КБ Публикум, друштво за управување со фондови.

Последиците од случувањата на светските берзи врз македонскиот пазар на капитал се неизбежни, вели инвестицискиот советник Александар Манев, според кого истите ќе се почувствуваат и врз економијата воопшто.

„Бидејќи постои страв или опасност од понатамошно екслирање нели на оние негативни настани во еврозоната и нивно пресликување на македонската берза, многу е веројатно и понатаму цените на акциите да се намалуваат, но да повторам, не во толкав обем како што се случува во Европа, пред се поради малата ликвидност на македонската берза“, вели Манев и додава:

„Оргомен проблем би бил доколку Грција излезе од еврозоната. Знаеме дека Грција е еден од наголемите партнери во надворешно-трговската размена на Република Македонија, постојат нели голем број на грчки фирми и компании кои работат во Македонија.“

Дека светската економска криза и случувањата на берзите веќе се одразуваат врз работењето на домашната берза, се согласува Горан Марковски, директор на КБ Публикум, друштво за управување со фондови.

„Македонската берза е дел од тој систем на сврзани садови имајќи предвид дека веќе се присутни странски и регионални инвеститори коишто реагираат подеднакво и на македонскиот пазар.“

За тоа дали излезот од тешката ситуација на берзата е нејзино преземање од страна на друга берза на некоја од развиените земји, двајцата соговорници со различни мислења.

„Во моментов поради тешките прилики коишто се во Европа и глобално мислам дека не е сега вистински тајминг за продажба, поготово не на оваа вредност“, изјави Манев.

„Иднината воопшто на овие мали пазари се гледа во рамки на поголеми системи за тргување и на тој начин обезбедување на место под сонцето на пазарите на капитал“, вели Марковски.

Според Штериев, пак, берзанските интеграции или преземања во вакви неповолни услови се излезна излезна опција за малите берзи. Притоа прашањата дали цената била или ќе биде оптимална, дали тајмингот бил или ќе биде подобар се ирелевантни во услови кога притискаат објективните економски фактори, велат од Македонската берза.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG