Достапни линкови

Дневен печат - Кризата во Грција, добра или лоша за Македонија?


Европското знаме пред Акрополот.

Европското знаме пред Акрополот.

Состојбите во економијата и подготовките за локалните избори догодина се теми за кои пишуваат дневните весници.

Како и обично со нашите медиуми во овие години, два различни начина на информирање: Вечер објавува ексклузивно интервју со првиот банкар, гувернерот Богов, во кое тој смирува дека грчките банки не можеле да го повлечат капиталот од македонските банки. Нашата регулатива не го дозволува тоа, вели Димитар Богов. Исто така Вечер во наслов објавува дека „Грчките инвестиции во Македонија засега остануваат, но и се множат - грчката криза ја челичи македонската економија“, иако во текстот се наведуваат и не баш охрабрувачки информации за влијанието на грчката економско-политичка криза врз нашата економија.
Грчките инвестиции во Македонија засега остануваат, но и се множат - грчката криза ја челичи македонската економија.

Од друга страна, Ден со многу понеоптимистички наслов за темата: „Македонија трпи огромни штети од хаотичната состојба во грчката економија“.

Пак малку оптимизам кај нашите медиуми: Нова Македонија од престојот на премиерот Груевски во Кина е поттикната за наслов: „Кина се фокусира на три големи проекти во Македонија“.
Македонија трпи огромни штети од хаотичната состојба во грчката економија.

Се чини и Владата презема мерки за штедење: Дневник пишува дека поради мерките за штедење, „МНР кастри по амбасадите“ и дека во земјава се враќаат 15 дипломати.

Утрински информира за новата позајмица од страна на Владата кај домашните банки со нови државни записи во вредност од над 68 милиони евра. Но продолжува и трошењето пари од буџетот, било државен, било градски: Утрински пишува: „Оградата вредна колку еден мост - реконструкцијата на мостот кај Холидеј ин ќе чини најмалку милион евра“.

Интересна е и веста во Дневник дека градоначалникот на Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, според ревизорскиот извештај, „лепел пари кому стасал без соодветна законска постапка“.

„Црвенковски најави серија митинзи низ Македонија, како промена на стратегијата на СДСМ пред локалните избори“, насловува Утрински, а Вечер за ова со доза на подбивност пишува: „Недостиг на идеи и кадри - СДСМ на улица ќе бара кандидати за градоначалници“.

Дневниот Фокус објавува дека е „откриен планот на преродбениците за локалните избори: и шах со народот ќе играме само за да останеме на власт“.

Утрински и Дневник ја објавуваат најновата анкета на агенцијата Рејтинг, според која, како што пишуваат, се забележува „топење на разликата помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ - незадоволството на граѓаните се одрази на рејтинзите“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG