Достапни линкови

Грција заслужува да биде избркана од НАТО поради односот кон Македонија


Грција е земја членка на НАТО која има најголеми можности да биде избркана од Алијансата, и тоа поради нејзиниот однос кон Македонија и кон Турција, покажa анкета на Атланскиот совет на САД и списанието Фореин полиси.

Двете институции анкетирале 60-ина истакнати шефови на држави, министри за одбрана и надворешни работи, американски конгресмени и директори на разузнавачки служби.

На прашањето која држава би ја избркале од НАТО, Грција добила 18 гласови, на второ место е Унгарија со пет гласа, потоа Турција со четири гласа и Исланд со три гласа, додека 22 испитаници се изјасниле дека сите државите членки на НАТО треба да останат во Алијансата.

Како причини поради кои би ја протерале Грција од НАТО, испитаниците ги навеле грчкиот однос кон Македонија и кон Турција, како и „неограничениот егоизам и некоректното однесување“. Од друга страна, на прашањето која држава треба да стане членка на НАТО, Македонија е втора. Пред неа е само неутралната Шведска со 13 гласови, Македонија има шест, а следат Австралија, Грузија и Украина со по пет гласа.

Македонска единица пред заминување за Авганистан

Македонска единица пред заминување за Авганистан

Од другите прашања на анкетата, испитаниците како најголем предизвик ја посочиле економската криза, а потоа национализмот и внатрешните поделби во НАТО. Сите испитаници се изјасниле дека НАТО треба да продолжи да постои и дека САД треба да останат членка на Алијансата. Само 10 ја поддржале идејата и Русија да стане членка, додека 19 оставиле можност за тоа во иднина.
Интервенциите во Босна и Косово испитаниците ги оцениле како најуспешни, додека војната во Авганистан е оценета како најмалку успешна од акциите што НАТО ги преземал.

На прашањето дали европските држави членки на НАТО би можеле да ја изведат операцијата во Либија сами, без помош на САД, 48 испитаници одговориле „не“, со само 11 позитивни одговори.

Меѓу испитаниците се претседателот на Естонија Томас Хенрик Илвес, поранешниот претседател на Полска Александар Квашњевски, литванскиот министер за одбрана Раса Јукневичиене, сенаторот Ричард Лугар, поранешниот конгресмен Џим Колби, поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев, европратениците Јоан Мирчеа Паску и Ана Марија Гомеш, аналитичарите Даниел Сервер и Сели Мекнамара и други.
XS
SM
MD
LG