Достапни линкови

Новиот руски претседател Владимир Путин нема да учествува на состанокот на лидерите на Г8, на 18 и 19 мај во Кемп Дејвид. Тој во телефонски разговор со Барак Обама објаснил дека штотуку се вратил во кабинетот и треба да се фокусира врз домашните одговорности. Според Стратфор, тоа е неуверлив изговор ако се има предвид фактот дека тој претходно беше премиер и никогаш не ја напушти власта.

Одлуката дојде откако Путин не беше поканет да учествува на Самитот на НАТО што ќе се одржи по состанокот на Г8. Русија и НАТО првично планираа нивниот прв самит по 2007 година да го одржат на 20 и 21 мај во Чикаго.

Всушност, Берлин се обидува да спречи поголема криза меѓу Алијансата и Русија, се наведува во анализата на Стратфор, во која се додава дека Берлин игра на средината за да ја смири Москва.
Претходните вакви самити беа откажани, откако во 2008 година Русија ја нападна Грузија која е партнер на НАТО. Овој самит и беше особено важен на Русија, бидејќи таа оцени дека е време да го презентира нејзинот став за американските планови за ракетната одбрана во Централна Европа и Турција.

Како и да е, без напредок во преговорите меѓу Русија и САД во деновите пред самитот, НАТО реши да го откаже и состанокот со Русија.

На ова Русија одговори со сопствена конференција за ракетната одбрана на која учествуваа сите членки на НАТО.

Таму Москва стави јасно до знаење оти верува дека токму Русија и е примарна цел на планираниот ракетен штит и затоа нема избор и на таквиот план ќе одговори или со други зборови Москва може да ги бомбардира американските ракетни постројки во Полска, Романија и Турција.

Сега кога Путин објави дека нема да дојде во Соединетите Држави ни на самитот на Г8 изгледа дека ќор-сокакот меѓу Соединетите Држави и Русија би можело да води кон поголема криза.

Но, една земја, Германија, е блиска со Русија и се чини дека сака да ги омекне работите. Германската канцеларка Ангела Меркел повтори во Бундестагот дека Германија би требало да соработува со Русија во врска со ракетната одбрана. Таа објасни дека на состанокот со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, човекот кој го откажа самитот со Русија, ја истакнала важноста на руските интереси. Германија веќе подолго време поддржува многу руски позиции во однос на НАТО, како на пример стави вето за проширување на Алијансата со поранешните советски држави Грузија и Украина во 2007 година.

Москва смета на тоа дека нејзините односи со Берлин носат поделби во НАТО. Тоа пак, не значи дека Германија е кукла во рацете на Русија.

Всушност, Берлин се обидува да спречи поголема криза меѓу Алијансата и Русија, се наведува во анализата на Стратфор, во која се додава дека Берлин игра на средината за да ја смири Москва.

Германија се соочува со неколку пречки како: европската финансиска криза, грчката политичка нестабилност и новата француска влада и не ќе може да се справи и со уште една конфронтација околу ракетниот штит.

Но, со задржување на поддршката на руската позиција, Германија ризикува да ги отуѓи оние членки на НАТО на кои Русија им се заканува со превентивни напади.

Централноевропејците се претпазливи во врска со блиските односи меѓу Берлин и Москва и поддршката на руската позиција за ракетниот штит ги прави многу нервозни, особено Полјаците и Романците.

Овој пат, Германија едноставено се обидува да ги гаси пожарите еден по еден, заклучува Стратфор.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG