Достапни линкови

Суспензии поради „Детонатор“, опозицијата бара оставки


Дваесет и четири вработени во регионалните дирекции на Управата за јавни приходи се суспендирани поради нивна директна или индиректна инволвираност во активностите поврзани со акцијата „Детонатор“. Како што изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на заедничка прес-конференција со директорот на УЈП Горан Трајковски, суспендирани се тројца управници на регионалните дирекции на УЈП во Штип, Битола и Тетово, четири координатори на даночните одделенија во Прилеп, Куманово, Охрид и Кичево, пет шефови на даночни шалтери во Крива Паланка, Делчево, Берово, Виница и Демир Хисар и 12 контролори во инспекција во Штип, Битола и Тетово.

Опозициската СДСМ ги смета промените за евтин обид да се прикрие одговорноста на, според нив, најповиканите: министерот за финансии и директорот на УЈП. „Не може за незаконски активности, криминал со стотици покер апарати, неплаќање обврски кон државата, да бидат одговорни контролори-инспектори, шефови на даночни шалтери, координатори на даночни одделенија и управници на регионални дирекции на УЈП“ стои во писмената реакција во која СДСМ бара политичката одговорност да ја понесат министерот за финансии и директорот на УЈП и да си поднесат неотповикливи оставки.
XS
SM
MD
LG