Достапни линкови

Еврозоната, во услови на зголемен ризик од излегување на Грција, се соочува со тешката задача да ја спаси заедничката валута, пишува весникот Економист наведувајќи дека во спротивно тоа може да влијае и врз резултатот на претседателските избори во Соединетите држави.

Времето е кратко. Француските избирачи му дадоа мандат на новиот претседател Франсоа Оланд да го смени курсот на штедење што го одредија неговиот претходник Никола Саркози и германскиот канцелар Ангела Меркел, пишува весникот Економист кој наведува дека Меркел веќе изјави оти нема да има промени на договорот за фискална компактност.

Сепак, Оланд ќе треба нешто да им покаже на избирачите на парламентарните избори во идниот месец. Позаканувачки се вторите избори што демнат во Грција, каде што партиите се мачат да формираат влада.


Доколку и тогаш грците повторно гласаат за отфрлање на кратењето на трошоците и на реформите што треба да се направат за да се добие спасувачкиот пакет, тогаш владите од еврознота, посебно германската, ќе се соочи со драстичен избор.

Или Меркел ќе и се приспособи на Грција, ќе проголта и ќе го награди инатот или што е многу поверојатно ќе застане цврсто и ќе ги препушти грците на нивната судбина.

Идејата за хаотично грчко заминување од еврото во време на француско германското разединување би требало да заплаши секого, наведува Економист, додавајќи дека во можен ризик ќе се најдат и шансите на Барак Обама за повторен избор на функцијата американски претседател.
Или Меркел ќе и се приспособи на Грција, ќе проголта и ќе го награди инатот или што е многу поверојатно ќе застане цврсто и ќе ги препушти грците на нивната судбина.



Кај преостаниот дел од еврозоната итно треба да се намали опасноста од гркиот излез која се заканува да ги зарази Португалија, Ирска, па и Шпанија и Италија.

Загрижува тоа што во момент кога треба тврдоглава реална политика, лидерите во сите поголеми земји нудат заводливи полувистини и им ветуваат на европските граѓани полесен излез.

Најочигледен пример е Франција, каде што новиот претседател Оланд вели дека преку развој, а не преку штедење може да се трансформира европската иднина. Но, како тоа да се постигне во време на потребни реформи пред се во социјалната сфера.

Слично е и во Италија каде што полувистината е дека земјата може да избега од својата нефункционална политика со давањето доверба на еден технократ. Премиерот Марио Монти е талентиран човек но, последните локални избори сугерираа дека непопулраните политики најдобро се детерминираат преку избрани политичари.


Германската полувистина е дека проблемите во еврозоната може да се решат од задолжените земји со сечење на нивниот развоен пат. Всушност еврото ќе преживее само ако секоја од овие земји се соочи со сопствениот избор.

Како во некоја страшна шега: на еврото му требаат француска реформа, германска екстраваганција и италијанска политичка зрелост, наведува Економист, додавајќи дека сепак најлошо е во Грција.

Полувистината во Атина е дека нетрпеливите северни европејци не им даваат кредит на грците за надминување на тешкотиите. Грција навистина страда, нејзината економија во изминативе пет години се намали за една петина, додека долгот во идната година ќе биде над 160 насто од бруто домашниот производ.

Што и да направи идната влада, идејата дека Грција ќе може да го отплати долгот е најфантастична од сите други, наведува весникот, оценувајќи дека доколку Атина го отфрли вториот спсувачки пакет, тогаш излегувањето на Грција од еврозоната ќе биде неизбежно. Меркел и Оланд имаат помалку од еден месец да се подготват за тоа, заклучува Економист.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG