Достапни линкови

Бучковски - СДСМ не се снаоѓа со пропагандата на власта


СДСМ не може да смета само на протестните гласови и гласањето против Груевски. Се покажа и на претходните парламентарни избори пред една година дека тоа не е доволно. СДСМ мора да понуди и решенија, да понуди и нов квалитет кој во овој момент недостасува во врвните позиции во мојата драга партија СДСМ, вели Владо Бучковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Бучковски по низата забелешки на Европската комисија, како го коментирате задоволството на еврокомесарот Штефан Филе за напредокот на реформите вo нашата земја?

Ценам дека Филе не случајно сега во овие моменти излезе со овие оценки кои беа изненадување за пошироката македонска јавност. Сметам дека тензиите кои настанаа по убиството кај Смилковското Езеро, целата оваа мачна атмосфера со протестите и контрапротестите која настана по приведувањето на осомничените создаде една тензија која се пренесе не само на меѓуетнички план, отиде и на верски план. Сметам дека проценката на искусен дипломат како Филе беше да не прави дополнителни проблеми на Република Македонија и излезе со една блескава оценка можам да речам. Значи неговите пофалби одекнаа во македонската јавност, но со една ограда дека во септември ќе се види што од сето тоа што е ветено, реално ќе биде имплементирано.

Зошто воопшто ни беше понуден дијалогот на високо ниво ако се знаеше дека тој не е вистинска замена на преговорите?

Па очигледно во ваква специфична ситуација во која се наоѓа Република Македонија мора да бидат понудени атипични решенија, ние реално тапкаме во место заради проблемот што го имаме со Грција и тоа е „сине ква нон“ за нашиот понатaмошен евроатлански пат. Во вакви oколности сметам дека тое е едно креативно решение, ад хок решениe кое треба да го потполни вакумот кој е евидентен. И сметам дека на овој начин нема да се дозволи да побегнат многу напред Црна Гора и пред се Србија, кои очигледно во овој момент ако ја цениме онаа честитка којa за 9 Мај за денот на Европа ја упати комесарот Филе, стануваат миленици на ЕУ.

Ги споменавте последните случувања во земјава, оправдан ли е во тој контекст стравот кај граѓаните за нивната нарушена безбедност?

Постои се уште немир. Очигледно е дека ако оние кои го извршија злосторството а Министерството за внатрешни работи тврди дека ги има дел од сторителите, двајца се само во бегство, aко беше нивната цел да посеат страв и да следи верижна реaкција на серија судири на меѓуетнички и на меѓуверски план, веројатно првиот дел е остварен, а тоа е стравот е присутен, немирот е евидентен меѓу граѓаните.

Вториот дел не беше остварен поради зрелоста на македонското општество. Јас се плашам дека се додека не започне судењето и додека тогаш на отворениот и транспарентен процес не се видат доказите за кои МВР тврди дека се непобитни, ќе има ваква ситуација каде ќе има многу шпекулации и ќе биде создадена една атмосфера што објективно е лесно запалива.

Дали вие лично верувате во сценариото за тероризам коешто по приведувањата на лицата во операцијата Монструм ни го понуди министерката Јанкулоска?

Значи, најпрвин јас бидејќи ги немам целосните информации, не знам со какви докази располага МВР, немам причини да се сомневам дека осомничените се потенцијалните сторители. Друго е што можеме да најдеме мани, јас сум еден од оние кои наоѓаат мани во начинот на кој беше информирана јавноста. Во атмосфера која беше тензична и кога преовладуваше страв, дополнителен страв внесе официјалната информација што ја даде министерот за внатрешни работи дека станува збор за терористички акт. Во тој момент ние се соочивме со дополнително стравување, дека е можно и во иднина ако постои ваква организирана терористичка група, па дури и да е во зародиш, нејзиното апсење или нејзиното лоцирање да предизвика дополнители реакции од нивни блиски, соработници или подржувачи. Така што би сочекал додека не почне судскиот процес, да се дадат децидни заклучоци за тоа дали станува збор како што многумина тврдат за една конструкција која ја прави полицијата, притоа веројатно сметајќи на неколку примери од минатото, каде што да потсетам и „Раштански лозија“, па дури ако сакате и случајот „Сопот“, добија на јавност и се соголија да речеме доказите кога отпочна судскиот процес. Се додека трае истрагата сметам дека е во право Министерството за внатрешни работи кога повикува на воздржаност и да се остават во овој момент судските органи да ја извршат својот дел од истрагата.

Каква е тука улогата на службите на државната безбедност и контраразузнавање? Вообичаено кога се работи за тероризам и таков тип на активности, тие ги имале информациите, меѓутоа не го спречиле настанот. Зошто ни се случува тоа?

Многу евентуални напади и терористички атаци се превенираат. Постои систем на рано предупредување кое треба да го прават институциите кои се надлежни за тоа. Уште повеќе што е јасно дека Македонија како дел од антитерорстичката коалција има постојана соработка со пријателските служби и со оние разузнавачки агенции кои се дел од таа антитерористичка коалиција. Затоа за мене кога веќе излезе официјалниот податок дека наводно дел од осомничените учествувале во Авганистан и Пакистан на страната на Талибанците во битките против НАТО Алијансата, кој организирана и сериозна држава како нашата мора да го има предвид, ако е точно тоа, и да има систем на одбрана од таквите активности на таквите припадници на радикалниот ислам. Ако така тргнеме може да се најдат пропусти и кај официјалните државни институции.

Веќе подолго време во земјава се чуствува тензиична атмосфера и затегнатост на меѓуетничките односи. Имаше доста протести и контрапротести, некои од соседните земји се вклучија во тоа, во Тирана имаше протести, имаше пораки од Косово. Дали во таа насока очекувате безбедносна криза во пошироки рамки?

Во регионот има потенцијална опасност за нов посериозен судир, тоа е незатвореното прашање на северот на Косово. Се додека постои и објективно и во целиот регион една атмосфера на неизвеснот, каде што виси не само прашањето на целосната независност на Косово, туку виси и статусот на БиХ, постојана е латентната опасност околу интенцијата на Република Српска да стане независна. Во такви околности Македонија мора да биде крајно претпазлива, затоа што имаме лошо искуство од 2001-та. Мора Република Македонија да биде крајно внимателна и да ги следи случувањата во нашето опкружување, затоа што веројатно се наоѓаме во последната фаза од разрешувањата на отворените прашања. Јас не очекувам Македонија да влезе повторно во еден таков воен виор каков што беше во 2001. Но оваа тензија која станува евидентна, која не е само недела, две, не говори добро за атмосфетата која пред се ја создаваат политичките партии.

На една недела пред одржување на Самиот на НАТО во Чикаго повеќе од јасно е дека Македонија нема да биде на агендата. Ве прашувам како поранешен премиер и министер за одбрана, дали воопшто Македонија може да се надева за некаква покана во идно време, со оглед на тоа што ставот на НАТО е јасен, прво името, па потоа членство?

Обидите кои ги правеше меѓународната заедница во последните неколку месеци помина некако незабележано од јавноста. Не случајно јас и анализирав, во февруари дојде посредникот Нимиц, мислам дека тогаш се уште имаше шанси да се најде формула која ќе ги отвореше вратите на НАТО. Ние бевме закопани во ровот, очекувавме дека по хашката пресуда тоа ќе биде доволен аргумент НАТО да ја промени својата одлука од самитот во Букурешт. Сега веќе ни станува јасно на сите, дека НАТО не е подготвен на такво нешто. Останува на нас да се соочиме со реалноста.

Мислам дека ни треба и од грчка страна контра партнер за да можеме сериозно да влеземе во разрешување на овој спор. Таму за жал работите не стојат добро, сето тоа ќе не доведе во позиција да го пропуштиме идеалниот период кога би можеле да го решиме ова прашање, а тоа е на почетокот на мандатот на новата грчка влада и на условно речено почетокот на мандатот на нашата влада, затоа што дури во јуни ќе биде првата годишнина од новата влада на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ. Имајќи предвид дека догодина ќе влеземе во предизборна кампања, следат локалните избори, тоа ќе ги одолговлечи евентуалните преговори. Искрено не гледам дека на среден рок може да го затвориме ова прашање, имајќи предвид како во изминатите 6 години ВМРО-ДМПНЕ го третираше ова прашање.

Како според вас функционира владината коалиција? Можни ли се некои поголеми потреси по Самитот на НАТО, во однос на тоа албанскиот партнер да ја напушти коалицијата?

Не очекувам ДУИ заради условно кажано неуспехот во Чикаго да ја напушти владата. Сметам дека во овие околности и по злосторството кај Смилковското Езеро се вжешти дополнително атмосферата во нашата држава, ДУИ ќе има дополнителен мотив да биде условно речено некој вид на стабилизатор на владината политика и да не дозволи евентуалното нивно излегување од владата дополнително да ја втурне Македонија во уште поголема криза.

Какви се вашите релации во матичната партија? Важите за остар критичар на СДСМ и не сте во ниту еден од раководните органи. Дали мислите дека со начинот на кој дејствува опозицијата практично повеќе му помага на Груевски да ја зацврсти својата позиција?

Јас во изминатиот период, од нова година до денес се обидував да се воздржам од дополнителни коментари за состојбите во СДСМ, за да не ги искомплицирам и така комплицираните односи. Очигледно постои неснаоѓање на СДСМ во вакви околности и во начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ ја практикува власта. Тоа е една перманентна кампања каде што кампањата за наредните избори започнува истата вечер по завршувањето на последните избори. Од таква перманентна кампања, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ го наметнува темпото, тоа е евидентно. Еве на пример, според мене, последниот месец сме преокупирани со една вешта ПР кампања која ја промовираше ВМРО-ДПМНЕ да го отргне вниманието од другите многу побитни настани, а тоа е нивниот нов бран и свежината која сите нас треба да не заплисне.

И треба ли и на опозицијата бран на освежување?

Па нашиот генерален секретар вели дека тој бран се случил во моментот кога пред три години дојде повторно Црвенковски на чело на партијата и кога беше избрано новото раководство и по инерција биле избрани 80 проценти нови раководства. Јас цело време тврдам дека изборот на нови луѓе без почитување на волјата на секој член на партијата, не секогаш носи квалитет и не секогаш е свежина.

Има ли во моментов Груевски сериозна алтернатива на политичката сцена?

СДСМ се наоѓа сега во позиција заради атмосферата која е создадена во Македонија, а тоа е евидентното незадоволство, да биде сериозна алтернатива. Дали ќе ја искористи таа шанса пред се ќе зависи од СДСМ. Но, СДСМ не може да смета само на протестните гласови и гласањето против Груевски. Се покажа и на претходните парламентарни избори пред една година дека тоа не е доволно. СДСМ мора да понуди и решенија, да понуди и нов квалитет кој во овој момент недостасува во врвните позиции во мојата драга партија СДСМ.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG