Достапни линкови

Заложба за враќање на византиското пеење


Во рамките на Денови на Јустинијан Први ќе се одржи промоцијата на две книги издадени од Центарот за Византолошки студии - „Опширен воскресник“ од Васил Иванов Бојаџиев и „Ортографија на византиската музика“ од д-р Јане Коџабашија.

„Опширниот воскресник“ од Васил Иванов Бојаџиев е една од најубавите книги во оваа област не само на територијата на Македонија туку и пошироко.“

Ова ќе го забележи д-р Јане Коџабашија во пресрет на промоцијата на првото издание на пронајдениот ракопис на Иванов, македонскиот автор и музичар-псалт од Кратово, дело кое во многу нешта претставува самосвојно херменевтичко исчитување на сета византиска традиција и нејзино поврзување со музичките искуства на дејци како Манасиј Поптеодоров, отец Калистрат Зографски, Димитриј Градоборски, Јоан Хармосин-Охридски и други.
Кога мојот професор го виде ракописот на таа книга, рече дека тој во животот не видел нешто поубаво. А кога тоа ќе го каже професор Себастијан Барбу-Букур, иконата на романското црковно пеење, авторитет во светски рамки, тоа треба да се земе како сериозно.
Јане Коџабашија, професор.

„Кога мојот професор го виде ракописот на таа книга, рече дека тој во животот не видел нешто поубаво. А кога тоа ќе го каже професор Себастијан Барбу-Букур, иконата на романското црковно пеење, авторитет во светски рамки, тоа треба да се земе како сериозно“, потенцира професор Коџабашија, кој се јавува како редактор и нотографер на материјалот.
Јане Коџабашија.
Јане Коџабашија.

Тој дополнува дека во „Опширниот воскресник“ се поместени и композиции од македонските автори кои по прв пат се обелоденуваат и заклучува дека заедно со неговата книга „Ортографија на основна теорија на Византиската музика“, во која се расправа за правилата на пишување, читање и комбинирање на музичките знаци, обете не обврзуваат византиската традиција да ја сториме жива во сите облици на музичкото творештво.
Можноста природно ние да го вратиме црковното пеење од таа наша византиска традиција ќе се случува и тоа е само прашање на време. Овие книги директно го поткрепуваат тој момент или отвараат можност тоа да се случи природно да не биде проблематично од аспект дека сето тоа го измислуваме, туку баш напротив, природно го враќаме, сфаќаме што е поентата на таа традиција.
Ристо Солунчев, професор.

Промотер на обете дела ќе биде д-р Ристо Солунчев, доцент на Катедрата за философија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој потенцира дека изданијата се условно мошне комплементарни во развивањето на идејата за што посеопфатна примена на византиската музика кај нас.

„Можноста природно ние да го вратиме црковното пеење од таа наша византиска традиција ќе се случува и тоа е само прашање на време. Овие книги директно го поткрепуваат тој момент или отвараат можност тоа да се случи природно да не биде проблематично од аспект дека сето тоа го измислуваме, туку баш напротив, природно го враќаме, сфаќаме што е поентата на таа традиција.“

Сепак, наспроти заложбите на Коџабашија за примена на византиското пеење во храмовите на МПЦ, синодот се определи свештенството и натаму да го практикува она на Стефан Мокрањац на кое било образувано во изминатите децении.

„Мојата мисија продолжува јас сум истражувач, јас се занимавам со наука, не се занимавам со водење на полемики со луѓе што не се компетенти во таа област, затоа времето ќе покаже кој погреши. Во овој момент можам да кажам дека нашиот Синод погреши многу“, заклучува д-р Јане Коџабашија.

Инаку, во рамките на манифестацијата „Денови на Јустинијан Први“, замислена како своевиден спој помеѓу античкото и модерното време и како промовирање на историско-културните традиции на Македонија и нивното значење за општоевропската култура и цивилизација, ќе настапат и неколку хорски ансамбли како детските „Живко Чинго“ од Велгошти и „Свети Георгиј Кратовски“ од Битола, „Хармосини“ од Скопје, Ансамбл Пелагонитиса од Прилеп, „Калистрат Зографски“ од Струга, женскиот „Свети Теофил Струмички“ и други.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG